Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ БОШКОСКИ: Половина од административците работат, половина одмараат, потребен е значен рез и збогум на завршена работа преку „врски“

ИНТЕРВЈУ БОШКОСКИ: Половина од административците работат, половина одмараат, потребен е значен рез и збогум на завршена работа преку „врски“

Во Македонија, со години граѓанинот треба да се адаптира на бавната и непрофесионална администрација од која треба да бара „врски“ за да му биде завршена и наједноставната управна постапка. Така, нашата администрација останува да биде запамeтена по репликите како „колегата е на одмор, дојди идната недела“, „ти фали уште еден документ“ или „системот е паднат, дојди утре“, иако, сигурен сум дека во најголем број случаи, административецот кој вака го вратил граѓанинот, имал начин да му помогне, вели во разговор за Фактор, Мартин Бошкоски, генерален секретар на Македонски концепт. Од година в година бавната администрација станува се полоша, наместо како што треба да биде државните административци да го гледаат и да се однесуваат кон граѓанинот како што тоа го прави приватниот бизнис, констатира Бошкоски. Дополнително, за тоа мора и да се плати и трошоци за ангажирање на консултанти или адвокати. 

Бошкоски: Малите бизниси како и граѓаните немаат секогаш ресурси да платат професионалец како адвокат или сметководител за да добијат определена услуга. Затоа, тие се принудени да прават дополнителни трошоци поради тоа што не наидуваат на соодветен пристап и сервилност од страна на нашата администрација. 

Тој непрофесионализам до некаде беше нотиран и во забелешките од странските инвеститори, па клучните нивни забелешки се кон некои административни процедури. Се одвраќаат ли на ваков начин? 

Бошкоски: Точно, непрофесионалната администрација е една од првите слабости кои ги воочуваат и странските инвеститори. Вистина е дека судството е можеби најгласно критикувано во државата како обесхрабрувачки фактор за граѓаните или за странските инвеститори. Меѓутоа, странските инвеститори кои пристапуваат тука за брзо се среќаваат и ги воочуваат недостатоците и непрофесионалноста на нашата администацијата. Наместо да странците кои одлучиле тука да отворат своја фирма или да инвстираат на друг начин да бидат примени со добредојде, нашите административци кон нив ги гледаат како непотребна дополнителна работа која до вчера ја немале. 


Од друга страна бројот на лица ангажирани во администрацијата постојано се зголемува. До каде има капацитет да се „пумпа“ овој апарат? 

Бошкоски: Нашата администрација е преголема за да го опслужи приватниот сектор. Согласно последниците официјални податоци, 131.183 имаат засновано работен однос во јавниот сектор. Од друга страна, бројот на вработени во приватниот сектор е околу 650.000. Тоа значи дека на секои пет вработени во приватниот сектор има еден вработен во јавниот сектор. Вистина е дека платата на вработените во јавниот сектор не се генерира единствено од тоа што приватниот сектор го исплаќа како данок, меѓутоа за подобрување на администрацијата мора да се прифати дека вработениот во јавниот сектор за својата плата мора да му биде благодарен на приватниот сектор. Од оваа економска логика треба да се тргне и при менаџирање на бројот на вработени во јавниот сектор. Односно, овој сооднос мора да биде променет во корист на приватниот сектор како би се добило поефикасна и побрза администрација. Во Законот за заштита на државата ние предвидуваме намалување на администрацијата и зголемување на приватниот сектор при што соодносот би бил еден вработен во јавен сектор на секои десет вработени во приватниот сектор. Во секој државен орган најмалку половина од административците бавно и непрофесионално ги вршат обврските, за разлика од другата половина од колегите врз кои се потпираат цели институции. Заради ова, во нашите државни институции е постои една лоша работна култура видлива само кај лошите организации и бизниси. Затоа, намалувањето на бројот на административци нема позитивно да придонесе само кон намалување на расходите за плати, туку би допринело и кон градење на подобра и попрофесинална работна култура во секоја инстутиција во која би останале само најдобрите административни работници. 


А буквално има тепачка за работа во дравната администрација, па сите битки во партиите се водат за вработување на членовите во некои од државните институции.

Бошкоски: Можеби затоа што чувствуваат поголема сигурност граѓаните гледаат кон вработувањето во јавниот сектор како поатрактивно наспоти она во приватниот. Се додека постои овој феномен состојбата во државата е лоша и загрижувачка. Точно е дека приватниот сектор сега не е во можност да понуди значително подобри услови, но за тоа треба да реагира државата – односно да му овозможи на приватниот сектор да се развие до тој степен што работата во јавниот сектор би била неатрактивна. Меѓутоа, изгледа дека мотивот на политичарите од државниот врв е спротивен на ваквото разбирање. И да, големите политички партии се виновни за проблемот. Тие не се во можност да реализираат какво било ветување кое се однесува на намалување на бројот на администрацијата од едноставна причина што администрацијата е нивниот најголем извор на гласови. Политичарите ветуваат и реализираат вработувања во администрацијата континуирано последните 30 години па затоа и вработените во јавниот сектор немаат зошто да гледаат кон граѓанинот како клиент, туку единствено треба да бидат лојални и да ја гласаат политичката опција која им го заштитува нивното работно место. 

Има ли решение, долги години само се иницираат прмени, реформи? 

Бошкоски: Не се на одмет предложените решенија за дигитализација и модернизирање на администрацијата. Тоа е нужно како за секоја приватна фирма, така и за секоја инстутиција и а еден од најбрзите методи за постигнување на целта. Меѓутоа, дури и хипотетички сите институции да се максимално дигитализирани и секоја услуга да може да биде добиена без физичко присуство, останува прашањето што тогаш ќе се прави со оние вработени во јавниот сектор кои не работеа доволно добро и професионално. Така, дури и една одлично спроведена дигитализација ќе даде заклучок дека бројот на вработени во јавниот сектор мора веднаш да биде намален за 50 отсто. Но, не го очекувајте тоа од големите партии кои дури би го забавиле дигитализирањето на институциите затоа што ќе бидат приморани да ги отпуштаат своите гласачи.

Слично

Поврзани вести