Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интервју Бојчев: Студентите заслужуваат и мора да добијат достоинствени услови за живот

Интервју Бојчев: Студентите заслужуваат и мора да добијат достоинствени услови за живот

Состојбата во  повеќето студентски домови е очајна, нема тековно одржување на објектите, голем дел од собите се руинирани. Долговите се огромни, а според првичните анализи  тие надминуваат 6.000.000,00 евра.  Сеуште стојат неплатени фактури за режиски трошоци и за добавувачи на храна и технички средства- ваква состојба затекнал  Атанас Бојчев, директор на Државниот студентски центар. Тој во интервју за Фактор  вели дека за два месеци  откако седнал на новата позиција не може драстично да ја промени реалната состојба која  е резултат на долгогодишното недомаќинско работење, но може и мора да се врати вербата кај  студентите дека ќе добијат подобри услови за сместување.

Бојчев: Ситуацијата која ја затекнавме пост моето назначување од август месец беше повеќе од очајна. Имено, ваквата состојба на негрижа се провлекувала неколку години, и тоа е видливо преку нивото на руинираност на објектите односно собите, ходниците, купатилата, рестораните, но и преку еднолична и неквалитетна храна, затворени угостителски објекти, неконзистентност во менаџирање на персонал на некомпетентни работни места итн. Од  друга страна, затекнати се огромни долгови (околу 6.000.000,00 евра) неплатени фактури, како за режиски трошоци така и кон добавувачите за храна и техничка стока. Од лошите менаџерски политики на човечките ресурси, произлегле уценувани и дискриминирани вработени со нарушени колегијални односи. Се на се, многу проблеми за решавање....

Фактор: Какви се условите во студентските домови?

Бојчев: Наследените услови во студентските домови се вистински предизвик за решавање. Со исклучок на С.Д. Гоце Делчев, кој е во подобра состојба од другите домови, генералната слика е проблематична и запуштена. Работиме интензивно, но сепак поминати се само три месеци во кои најбитно е да подготвиме терен за суштински и системски решенија кои ќе го кренат студенсткиот стандард и живот на долг рок. Истовремено, санацијата на штети кои произлегуваат долгогодишната негрижа се проблеми кои ги решаваме на дневна база, без оглед на тоа дали се дупнати кровови, неисчистени олуци, неисправни водоводни инсталации или запуштени паркови и тревни површини.

Фактор: Кои  се приоритети кои ќе ги поставите за подобрување на состојбите?

Бојчев: Меѓу првите приоритети беше реновирање на дел од собите и враќањето на студентите во пристојно место за живеење како и збогатувањето на досегашното мени за храна кое сега е составено од супа, салата, десерт и леб како додаток на избор помеѓу три вида на оброк со месо за ручек и два вида за вечера. Не е подобрена само содржината на оброците, туку и степенот на услугата и послужувањето е подигнато на едно повисоко попрофесионално ниво, контролата на квалитетот на внес и приготвувањето на храната. Од суштинско значење е поддршката која ја добиваме од Министерството за образование, преку кревање на соработката која сега е поинтензивна и поефективна. Стратешки приоритети на кои работиме, секако се обезбедување на средства за инвестиции за тековно оддржување на објектите, средства за надминување на финансиските долгови кон добавувачите, обезбедување на средства за реализација на холтикултурното и партерно уредување на дворовите околу домовите, збогатување на квалитетот  и условите за живеење на станарите, збогатување на културно забавниот живот како и обезбедување на средства за комплетно реновирање на рестораните  и опремата. Од менаџерски апсект, тоа би било и воспоставување на професионална и достоинствена работна средина, која е проактвина во градење на позитивни колегијални односи во интерес на студентите

Фактор: Деновиве повторно во јавноста  студентите алармираа за проблеми со водата, греењето, храната во студентските домови. Како ќе се надминува проблемот?

Бојчев: Основен, но не и единствен проблем се финансиите. Во тек е работа на анализа која треба да ни покаже како всушност флуктуирале приходите и расходите, односно дали средствата кои доаѓале преку партиципација од МОН, се трошени соодветно и приоритетно. Засега постојат индикации дека се двоени средства за санација кои биле со незадоволителна реализација, но анализата е таа која ќе ни даде точен увид. Исхраната беше хроничен проблем во домовите, каде во подолги временски периоди не се набавувале сировини за готвење, што влијаело на квалитетот или количините на оброци. Клучен проблем бил веројатно релацијата која предходното раководство ја имала со тогашното раководство на Министерството за образование, која евидентно се рефлектирала врз студентскиот стандард и квалитет на живот.

Фактор: Имаше најава за студентски град и  модерни архитектонски решенија за студентските домови. Со која динамика ќе се реализираат плановите?

Бојчев: Точно. Најавата ќе се реализира најверојатно преку комплетен идеен план, со поддршка на МОН од околу 7.000.000,00 евра за следната година, за изградба на зграда на четири спрата со капацитет за околу 600 студенти; нов ресторан во СД Стив Наумов, студентски кампуси на С.Д. Стив Наумов и Гоце Делчев. Студентскиот град е замислен да функционира по теркот на западно европските земји, комплетно и самостојно, каде студентите ќе можат во целост да ги остварат своите потреби. Планирана е и реализација на идејата за студентската картичка, која ќе има содржини и придобивки кои до сега, студентите ги имаат гласно побарано.

Фактор: Како ќе се подобрува студентскиот стандард?

Бојчев: Погоре наведените чекори, кои ќе се имплементираат етапно, се дел од планот за кревање на студентскиот стандард. Но, овие се реконструкциите кои се однесуваат на техничкиот дел. Она што е битно е суштинската реконструкција која ја почнува да се имплементира. Менаџментот на студенстките домови нема да биде повеќе глув за потребите на студентите. Се менува пристапот и односот помеѓу управата и студентите, каде за прв пат студентите учествуваат не само во лоцирање на проблемите во функционирањето на домовите, туку учествуваат во заедничко изнаоѓање на решенија за проблемите, на взаемно задоволство. Идејата е студентите да учествуваат и во имплементацијата на решенијата, и на тој начин да се заврши атмосферата во која управата ќе се однесува како домот да своина за која студентите треба да исполнуваат одредени партиски дејности за да го заслужат. Пример за ова е спроведување на проектот „убава околина“ во кој формиравме работна група со студентите, сместени во домовите од архитектонски, градежен и земјоделски факултет, која има за цел да изработи оплеменување и облагодарување на просторот околу домовите. Студентите ги изработуваат идејните решенија, додека ние работиме на прибирање спонзорства преку кои ќе помогнат во имплементацијата. Дополнително, во периодов кој следува, организираме студентски трибини кои имаат за цел, да го отворат просторот за студентите, каде студентите ќе имаат можност да кажат, не само кои се проблемите туку и какви решенија сметаат дека се потребни, и до кој степен треба да биде вклученоста на студентите во реализацијата. Сметаме дека има многу планирани мерки кои не би ги импелментирале без консезус со студентите, било да е тоа планот за систем на редовна контрола/патрола во домовите како би се стигнало до навремено откривање проблемите или улогите на советите на станарите. Управата мора да е во служба на студентите како и во одбрана на студентските права. Сметаме дека само така, студентите ќе можат да го кажат гласно критчкиот глас наместо партискиот, како што се очекува од млада, прогресивна, движечка сила во едно општество.

Слично

Поврзани вести