Интервју Богдановиќ: Засега сите споменици се незаконски поставени
Саша Богдановиќ градоначалникот на општина Центар победи благодарение на дадените ветувања за справување со загадениот воздух и загрозената животна средина, справување со претераната урбанизација, сообраќајниот хаос, поради погрешните политики во Центар за кои тој најави целосна ревизија и уште многу други проекти кои се неопходни за најбогатата и најрепрезентатвната единица на локалната самоуправа. Времето за кампањи и политички судири, дофрлувања и тактики заврши, па затоа да видиме до каде е реализацијата на дадените ветувања во оваа почетна фаза на мандатот на градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ.
Фактор: На почеток за она што е најактуелно, аерозагадувањето. Иако станува збор за проблем кој ги засега сите жители на Скопје, сепак Центар е една од најзагадените општини. Во предизборната кампања најавивте дека чистиот воздух ќе биде еден од вашите приоритети како градоначалник. Дали планирате да преземете некои ад-хок мерки на овој план, како на пример ветувањето дека ќе ги забраните градежните активности во овој период од годината?
Богдановиќ: Загадувањето е сериозен проблем кој може да се реши само со сериозен и што е уште поважно координиран пристап помеѓу надлежните институции. Општина Центар ќе преземе се` што е во нејзини ингеренции за да придонесе за намалување на аерозагадувањето. Една од првите работи што ќе ги направиме во оваа насока е забраната за изведување градежни активности во периодите со големо загадување. Во текот на наредната недела оваа одлука ќе ја доставиме до Советот на општината. Доколку Советот ја изгласа истата би важела во кризниот зимски период односно од 15 декември до 15 февруари.
Фактор: Кога да ја очекуваме кулата за прочистување на воздухот и дали се знае каде точно ќе биде поставена?
Богдановиќ: Станува збор за еден од најреволуционерните патенти за прочистување на воздухот на денешницата. Според досегашните истражувања, како и со поставувањето на оваа кула во неколку од најзагадените градови во светот, докажано е дека таа прочистува 30.000 m3 воздух. Со поставувањето на оваа кула воздухот ќе се прочисти за неверојатни 70%- 75% , така што на граѓаните ќе им се обезбедат услови за намалување на штетните влијанија од загадениот воздух. Станува збор за објект кој е висок околу седум метри. Според нашите планови, кулата треба да почне да се гради во 2019 година. Во моментов активно се разгледуваат деталните урбанистички планови за да се утврди каде би било најсоодветно да се постави кулата.
Фактор: Како ќе го решите проблемот со сообраќајниот и паркинг хаосот кој владее низ Центар? Тротоарите се узурпирани од возила и има бројни „црни“ точки каде заради непрописно паркирање се создава метеж. Што ќе преземете на овој план и кога?
Богдановиќ: Хаосот во сообраќајот и во паркирањето во Центар е проблем стар многу години, но она што дополнително ја усложнува ситуацијата е зголемениот број градби во централното градско подрачје што нормално значи и повеќе возила. Во 2018 година ќе го измениме сообраќајниот режим на многу клучни сервисни улици и со тоа во значителен обем ќе се намали како сообраќајниот хаос, така и хаосот во паркирањето. Од исклулително значење е да се зголеми искористеноста на паркинг местата во постоечките станбени објекти, како и да се обврзат инвеститорите на новите објекти да ги дадат на времено користење паркинг местата кои не се откупени од станарите. Во план е и изградба на неколку катни гаражи на локации на кои нема да има уништување зелени површини.
Фактор: Со оглед на тоа што најавувавте дека ќе застанете на патот на градежната мафија, какви се вашите намери на ова поле. Дали планирате измена или ревизија на одредени детални урбанистички планови?
Богдановиќ: Моментално работиме на детална ревизија и измена на деталните урбанистички планови. Се` уште е рано да се изнесуваат какви било детали во однос на ова прашање затоа што кон неговото решавање мора да се пристапи многу внимателно. Во целиот процес ќе бидат вклучени стручни лица со цел да дојдеме до оптималните решенија за борба против продолжувањето на урбанистичкото дивеење. Јас сум свесен дека ова е проблем кој се таложел со години и дека немам магично стапче со кое ќе направам хаосот да исчезне. Меѓутоа цврсто сум решен да посветам голем дел од моето време и труд за запирање на непланското градење во Центар.
Фактор: До каде е процесот на утврдување на законитоста на поставените споменици од проектот Скопје 2014 на територијата на општина Центар? Најавивте дека споменикот на Андон Ќосето ќе им го вратите на инвеститорите затоа што не бил поставен во согласност со процедурите.
Богдановиќ: Процесот на утврдување на законитоста во постапките за поставување на спомениците од проектот Скопје 2014 е во тек. Она што со сигурност го утврдивме е дека споменикот на Андон Ќосето е незаконски поставен на локацијата пред судовите односно заобиколен е дел од процедурата во оваа постапка. Анализите за останатите објекти се во завршна фаза и очекувам во текот на идната недела да излеземе во јавност со детални информации.
Фактор: Дали се утврдени незаконитости и при поставување на некои други споменици или изградба на објекти од овој проект на територијата на Центар?
Богдановиќ: Проектот Скопје 2014 е предмет на целосна ревизија. Од досегашните согледувања, сите споменици се незаконски поставени. Сепак, не би сакал да излегувам со површни и нецелосни информации затоа што се работи за обемна документација. Како што веќе напоменав, наредната недела јавноста ќе биде информирана за следните чекори кои ќе ги преземе општината во овој дел.
Фактор: За крај, до сега имаше пракса општина Центар да прави одвоена новогодишна прослава од онаа што ја организираше Градот Скопје. Какви се плановите за годинава? Дали повторно ќе има центарска прослава на Новата 2018 година?
Богдановиќ: И оваа година нашата општина ќе организира посебна прослава на новогодишната ноќ. Сметам дека Центар и центарци го заслужуваат тоа. Мојот план е да има повеќе културни и забавни настани во текот на годината кои ќе не обединуваат и на кои ќе можеме сите заедно барем за момент да се оттргнеме од секојдневните обврски и проблеми. Во однос на новогодишната прослава, сакам да потенцирам дека за организација на овој настан нема да се трошат пари од буџетот на општината туку трошоците ќе бидат покриени од донации. На прославата планираме да настапат домашни изведувачи, а целиот настан ќе има и хуманитарен карактер.
