Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ Алаѓозовски: Нема да правиме пропагандна војска од вработените, ниту ќе негуваме култура на неказнивост

ИНТЕРВЈУ Алаѓозовски: Нема да правиме пропагандна војска од вработените, ниту ќе негуваме култура на неказнивост

“Прилично лоша и хаотична состојба”- вака министерот за култура, Роберт Алаѓозовски во интервју за Фактор ја оценува состојбата која ја затекнал во ресорното министерство веднаш по стапнувањето на министерската позиција. За разлика од 2006-тата кога Министерството за култура имало 51 вработен, сега вели има над 160. Освен целосната партизација, која е општ белег на владеењето на претходната власт, како најалармантни  ја издвојува големата негрижа кон бесценетото културното богатство и артефактите, очајните услови во музеите, несоодветни вработувања во многу културни установи, доцнењата со изведби на проекти, многу фиктивни проекти и изведувачи, долгови и неисплатени обврски кон разни договорни страни дури од претходите години.

Фактор: Од позиција на прв човек на Министерството за култура кои задачи ќе бидат Ваш приоритет?

Алаѓозовски: Најголем приоритет е итната заштита на загрозеното културно наследство. За таа цел веќе правиме увид и план за приоритетна листа на интервенции.

Втор приоритет е носењето на новиот стратешки план за развој на културата за периодот од 2018 до 2022 година. Тој стратешки план ќе и даде лице на културната политика на новата влада, а ќе биде донесена на партиципативен и инклузивен начин преку јавна расправа и со институционалните и со вонинституционалните чинители, експерти, познавачи, независната сцена, граѓанскиот сектор, автори, уметници и индивидуалци.

За да не бидеме заробени во програмата на претходната власт целата 2017-та година, којa наиде на толку многу критики во јавноста, ќе објавиме повик за проекти и културни настани кои би требало да го изразат новиот дух и пристап во Министерството за култура.

Секако приоритет е да укинеме неколку закони, одредени членови од закони, коишто наидоа на општо несогласување и кај експертската јавност и кај вработените во културата, закони кои служеа за создавање нееднаквост и клиентелизам во културата.

Паралелно со овие активности во министерството и во институциите ќе направиме ревизија на работењето, на реализираните проекти, на т.н. капитални проекти и инвестиции и евалуација на сработеното. Сакаме да ја исчистиме дамката врз културата и сомнежите што се јавија кај јавноста сите овие години.

Фактор: Министерството за култура се чини дека ќе биде еден од најтешките ресори за менаџирање, пред се поради најкритикуваниот спорен проект “Скопје 2014” кој стана своевидно симбол на кичот и бескрупулозно трошење на народните пари. Како ќе го расветлувате овој случај, односно градбите кои се под надлежност на министерството, а за кои се потрошија многу пари?

Алаѓозовски: Дел од тој проект навистина спаѓа под надлежност на Министерството за култура. Се работи за неколку капитални објекти, како објектот на Македонскиот народен театар, Музејот на македонската револуционерна борба, Археолошкиот музеј и Спомен Куќата на Мајка Тереза, но и некои други зафати, како споменикот на Мајка Тереза на пример, чијшто „кофинансиер“ требаше да биде Субрата Рој, па сега тој споменик, кој е во финална фаза на изградба, е уште еден во серијата предизвици и последици на Скопје 2014, со кои се соочуваме.
Ние, во таа смисла, ќе соработуваме целосно со надлежните институции, со надлежните обвинителства и МВР, но и со јавноста, ќе бидеме потполно транспарентни и активни во овој процес.
Затоа, во Министерството уште од првиот ден покренавме серија на активности за да добиеме поцелосна и поконкретна слика, особено во однос на трошењето на парите на граѓаните, и многу скоро ќе имаме и поконкретни работи да и соопштиме на јавноста, вклучувајќи и податоци за Скопје 2014. 
Воедно, би сакал да ја потсетам јавноста дека голем дел од овој проект беше реализиран на еден бизарен начин, вон секоја правна логика, протнувајќи многу споменици и објекти, кои се дел од овој мегаломански зафат, како споменици од локално значење. При тоа, за целиот проект воопшто не се отвори дебата во Собранието на РМ, а одлуките ги носеа единиците на локалната самоуправа, пред се Општина Центар и Град Скопје.

Фактор: Пред да стапите на позицијата имаше информации дека од Министерството за култура во вреќи се изнесуваа документи. Од Министерството тврдеа дека се работи за преселба на Управата за заштита на културно наследство. Дали имате увид за што станува збор и може ли за ова кратко време да откриете што е она што ги исплаши вашите претходници?

Алаѓозовски: Вистина е дека тие денови беше во тек преселба на Управата за заштита на културното наследство. Се надевам дека сите вработени во Министерството се свесни дека секакво изнесување и уништување на државни документи е сериозен криминал. Веќе истражуваме одредени предмети за да видиме дали фалат документи. Доколку добиеме сознанија за вакви постапки, одговорните ќе бидат итно и ригорозно санкционирани.

Фактор: Реформска, европска и слободарска култура- ова беа клучните идеи на кои ќе се темели иднината на македонската култура. Како ќе се достигне тоа?

Алаѓозовски: Како што веќе реков ќе го ревидираме законодавството во културата и ќе ги отстраниме сите антиреформски мерки и членови. Ќе извршиме реформа во самото министерство. Ќе направиме евалуација на постојната систематизација и ќе понудиме нова. Најпрвин и најлесно, ќе го реформираме системот на повици за проекти во рамките на министерството.

Ќе ги следиме европските трендови во културата, ќе поттикнуваме соработка меѓу разните чинители во културата, ќе ги отвориме институциите за сите културни чинители, ќе создаваме нова публика. Ќе ја поттикнеме регионалната и меѓународната соработка во културата. Ќе и дадеме повеќе простор на независната културна сцена и критичката култура. Ќе создадеме простор за развој на креативните индустрии и сличните европски трендови.

Ќе го вратиме достоинството и дигнитетот на творците и преку ревалоризација, и финансиска, на нивниот труд, и ќе ја почитуваме нивната автономија и интегритет.

Фактор: Изминатиов бурен период видовме многу личности од областа на културата и уметноста кои застанаа зад политички/партиски интереси и ја бранеа иницијативата за заедничка Македонија. Насилно влегоа во Собранието и учествуваа во крвавиот четврток. Дали за овие лица ќе има место во културните институции?

Алаѓозовски: Ние нема да бидеме како нашите претходници и да правиме пропагандна војска од вработените, да ги контролираме што пишуваат, кого поддржуваат и слично. Сепак, јас сум човек кој не престанува да се бори за човековите права, и покрај оваа функција. Но, нема да негуваме култура на неказнивост и да молчиме пред некултурата или пак незаконското поведение на оние, кои ги претставуваат државните културни институции и установи. Вработените во културните установи се јавни личности, тие треба да водат со својот пример, тие треба да бидат свесни дека им припаѓаат на сите граѓани, а не само на „своите“, во етничка, идеолошка, политичка, партиска, верска, или каква било друга смисла. Јавноста е добро запознаена дека пред неколку дена за еден актер-првенец побарав дисциплинска постапка од неговата установа поради јавно изнесени ставови, кои се целосно непримерни. Така ќе продолжам и во иднина.

Фактор: Како ќе се борите со силната партизација во институциите. Токму во ова министерство се случија серија вработувања за партиските членови на опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои се уште силно ја бранат партиската агенда. Дали практично може да се очекува поткопување на вашата и работата на институциите?

Алаѓозовски: Верувам дека сите вработени во Министерството за култура, но и во институциите и установите кои што се под наша надлежност, се свесни дека работењето во државната администрација подразбира серија на одговорности и обврски, пред се. Особено кога се работи за областа на културата, да се биде дел од државните структури, претставува уште поголема чест и обврска. Сите кои ќе ја работат својата работа стручно и професионално, ќе ја имаат мојата поддршка. Јас не сум дојденец во културата, напротив, долго време сум дел од културната сцена и на оваа позиција не се чувствувам некомотно. Имам одлични соработници, препознавам дека и во структурите на министерството и другите установи има одлични професионалци, оние што не ги бива да работат во културата и да се носат со тие обврски на потребното ниво, лесно ќе се препознаат, тие сами по себе „штрчат“. Можеби и ќе постојат обиди за поткопување, но лесно е да се спречат или разобличат, бидејќи ние воопшто немаме намера да работиме како нашите претходници. Сето она што ќе го сработиме ќе биде јавно презентирано уште веднаш, затоа што ниту имаме што да криеме ниту пак мислиме да се впуштаме во такви ситуации, карактеристични за претходната власт.

Фактор: СЈО го отвори случајот  „Тендери“ кој се однесува на склучување договор меѓу Министерството за култура и фирмата „Бетон“ од Штип за извршување градежни работи на Музејот на македонската борба за државност и самостојност, Музејот на внатрешната македонската револуционерна организација и Музејот на жртвите од комунистичкиот режим. Градежните работи врз овој објект биле извршени без да се спроведе јавна набавка. Дали очекувате расветлување на овој случај и одговорност за лицата инволвирани во него?

Алаѓозовски: Како што нагласив не само во оваа прилика, Министерството им стои во целост на располагање на Специјалното јавно обвинителство, тоа е во интерес не само на Министерството, туку и на целата јавност, да се утврди што побргу одговорноста за сите случаи, за кои се водат истраги кај надлежните органи. Ќе ме разберете доколку не навлезам во деталите на овие случаи, но во оној момент кога Министерството ќе има конкретни податоци кои се од јавен интерес, бидете сигурни дека ние ќе и ги соопштиме на јавноста.

Фактор: Годишната програма за култура низ годините предизвика бура од реакции. Имаше обвинувања дека во Комисијата членувале личности без критериум и блиски до власта. Реагираа ликовни уметници, писатели, издавачи, критичари. Беше најавена ревизија.  На кој начин ќе се делат парите од колачот посветен за културните дејности?

Алаѓозовски: Сега е доцна за ревизија на програмата бидејќи таа во голема мера е реализирана, а нашите претходници брзале и предвреме да ги исплатат средствата за реализација. Ревизијата ќе се однесува на типот на договори, на оправданоста за предвремена исплата и евалуација на реализираните проекти.

Пристапот со кој се создаваше годишната програма е погрешен. Кога ќе насадите нешто накриво, не можете да очекувате да израсне право. Тој пристап беше анахрон, наметнувачки и создаваше поделби. Ние ќе понудиме инклузивен пристап, пристап кој ги почитува различностите и ќе биде еднаков за сите, пристап кој ќе тргнува одоздола, од потребите на самите културни дејци, на уметниците, на творците, од културните потреби на граѓаните.

Ќе се обидеме да понудиме поголема еднаквост и дисперзија на поддршката по дејности, и поголема децентрализација на културата. Квалитетот, стручноста, креативноста, инвентивноста ќе ни бидат клучни водилки. Освен тоа, одлучувањето за проектите кои ќе бидат финансирани преку годишната програма ќе го спроведуваат јавно објавени комисии составени од истакнати културни дејци и уметници, со што ќе се гарантира интегритетот на процесот. 

Заедно со сите засегнати страни ќе ја создаваме и новата годишна програма за 2018, и новата стратегија за 2018-2022. Јас и членовите на мојот тим во овој кус период веќе присуствувавме на повеќе јавни средби, дебати и настани организирани од припадници и претставници на различни општествени групи и културни сцени. Пред да го објавиме конкурсот за годишната програма наесен, во овие два месеци ни претстои отворена, искрена и, се надевам, продуктивна јавна дебата. Министерството самото ќе организира повеќе јавни расправи и средби со сите активни чинители на полето на културата и уметноста, ќе присуствуваме на јавни настани организирани од граѓанскиот сектор, од здруженијата и еснафите на културните дејци и уметниците, ќе се сретнеме со сите засегнати страни.

Но, ние сакаме само формална јавна расправа, што беше досегашна практика. Бидете сигурни, нашите претставници ќе учествуваат активно на тие средби, ќе ги следат внимателно забелешките и предлозите, а јавноста ќе биде добро запознаена и со прифатените идеи, но и со образложенијата за оние идеи, кои не сме биле во можност да ги прифатиме. Со таков пристап отворен, конструктивен и аргументиран пристап, верувам дека уште во првата година ќе добиеме програма која ќе означи видлив напредок во повеќе сегменти на културата.

Фактор: Дали ќе направите дополнителен напор  културата да се врати на културните работници од дејноста и конечно во неа да бидат лица кои си ја знаат својата работа?

Алаѓозовски:  Сите наши напори и заложби се и ќе бидат токму во таа насока, културата да биде простор за квалитет, креативност, дострели, со кои ќе се гордееме и кои ќе не претставуваат достојно во светот. Нема да бидам првиот кој ќе констатира дека на овие простори има премногу талент, но премалку организација и услови. Ние не ветуваме чуда, бидејќи со оглед на состојбата во која се наоѓаме, чудата се невозможни. Но некои „чуда“ не се недостижни, ако на тој огромен потенцијал му се даде поддршка во вистинска насока. 

Фактор: Каков дијалог ќе отворите со Синдикатот за култура и кои сегменти ќе бидат опфатени?

Алаѓозовски: Во Синдикатот за култура гледаме наш партнер и соработник. Со нив заедно до неодамна ги водевме битките за подобрување на состојбите во културата, соочувајќи се со една исклучива власт, која во секој критика или несогласување гледаше непријателство. Таков беше односот кон независната сцена, граѓанскиот сектор и кон синдикатот. Ние веќе имаме остварено средби, и ќе работиме заедно на агендата за подобрување на статусот на вработените во културата. Таа агенда е широка. Некои од нивните забелешки се однесуваат на лошиот менаџмент од директорите и другите раководни кадри, на неправилности, клиентелизам и неправди во реализацијата на проектите. Други се однесуваат на нивните звања, нивниот статус, напредувањето во кариерата, аудициите и слично. Најтешки се прашањата кои се однесуваат на промена на закони кои имаат и фискални импликации и кои треба да се преговараат со другите надлежни министерства. Во однос на тие прашања Mинистерството за култура ќе застане на нивна страна.

С.Б.

Слично

Поврзани вести