Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИНТЕРВЈУ АЦО СТАНКОВСКИ: Затуцана културна средина, без интелектуална елита и арт маркет!

ИНТЕРВЈУ АЦО СТАНКОВСКИ: Затуцана културна средина,  без интелектуална елита и арт маркет!

“Што се однесува до уметниците, тие се секогаш во зависност од системот, без оглед дали се работи за владата или пак за плутократијата“ – вели во интервју за “Фактор“ уметникот Ацо Станковски, кој беше еден од  гласните критичари на поранешната опозиција, сегашна власт. Го прашавме дали  очекува “реваншизам“, зошто уметниците и се поклонија на политиката, а не политиката на уметноста и што мисли за одлуката на Владата да ја укине тутулата Национален уметник на Македонија.

Партиската книшка и културата ...

Фактор: “Со цел што побрзо ослободување на клучните институции кои досега беа заробени од партиски кадри“ – со ова образложение наведено во поголемиот број на соопштенија од Министерството за култура, се објаснуваат разрешувањата на досегашните и именување на нови директори на институциите од културата. Дали се случува “департизација’ или директорски промени по секоја цена?

Станковски: Се работи за волја за моќ кај опортунистите кои своите видливи тенденции за тоталитарно владеење несмасно ги прекриваат со тривијална демагогија. Овие нови, според многумина нелегитимни владетели, за многу кратко време се покажаа токму онакви какви што беа нивните халуцинантни критики додека беа во опозиција. Во нивниот опозициски период тие всушност го критiкуваа она што го носеа како политички потенцијал во несвесното, но еве сега кога дојдоа на власт тој исфантазиран карактер се лепи за нив како прокоба. Пустошот што го насетувам наоколу произлегува од таа гигантска лага и измама, како и од целиот тој оркестриран напад врз Македонската држава од страната на С.А.Д. и Брисел поради геостратегиски причини, а Македонија во тој контекст на спречувањето на Евроазискиот продор на Балканот е најслабата карика. Сега ние имаме марионетска влада која треба беспоговорно да ги слуша директивите на С.А.Д. и Е.У. А сето тоа на сметка на граѓаните на Р.М.

Фактор: Дел од гласните критичари на поранешната власт сега се поставени за в.д директори на некои од институциите на културата. Поранешната владеjачка гарнитура во овие именувања препозна нов бран на партизација. Но, во исто време, поранешната владеjaчка гарнитура регрутираше познати уметници  за менаџери во државни институции кои подоцна ги видовме на фронталната линија, на протестите организирани од Вмро-Дпмне. Дали уметниците се предадоа или продадоа на политиката?

Станковски: Пародијата која ја гледаме на македонската политичка сцена влегува во својата најхистерична фаза. Псеудореволуционерите се демаскирани дури и пред своите поддржувачи. Значи, перјаниците на шарените револуционери сакале да ги зафатат местата на оние против кои се побунија, да станат калифи наместо калифите. Колку прозаично и бедно, но гротеската да стане неподнослива тие сè уште се однесуваат како Јакобинци, но без револуционерен жар туку со анимална алчност за управувачка и лукративна позиција. Како “свињите” во “Животинската фарма” на Орвел. Што се однесува до уметниците, тие се секогаш во зависност од системот, без оглед дали се работи за владата или пак за плутократијата. Гледајте ги само оние супер ѕвезди миљардери од Холивуд кои во предизборието во С.А.Д. минатата година, фанатично, а на моменти и манијакално се ставија на страната на Хилари Клинтон. Па зошто не би и нашите ?

Фактор: Колку е лесно или тешко еден уметник да работи, заработува и твори во општество кое е потонато во децениска партизација?

Станковски: Поради страшната и крајно понижувачка историја на окупации и робувања, македонскиот народ создал една ужасна, редукционистичка и пуристичка стратегија на мизерно живеење во кое фантазиите околу уметноста и убавите нешта немаат место. За повеќето граѓани, а најмногу за оние богатите, уметноста е непотребен трошок, нешто неразбирливо, а скапо. Сè овде се мери низ призмата на кило свинско месо. Затоа најголемиот успех во критиката на С.К. 2014 имаше слоганот - Бронза не се јаде!, да навистина не се јаде, а вие би да ја јадете? Скулптурите од проектот С.К. 2014 та, како титански фигури од марципан? Навистина една група неграмотни снобови успеа да ја иницира најпопулистичката културна критика на која и Маоистите би им позавиделе. Инаку ова е пеколна средина за слободниот уметник, без оглед на политичката гарнитурата која е на власт. Затуцана културна средина, без интелектуална елита и арт маркет.

Суверенитетот на Македонија – во рацете на САД….

Фактор: Од каде треба да почнат промените?

Станковски: Промените ќе дојдат со време. Овде револуционерните концепти само го разјаруваат и подивуваат овој сирот уплашен и фрустриран народ. Неговото славно потекло е во сурова антагонистичка позиција на неговата сегашност - народ со субмисивен и сервилен менталитет во однос на народите од групацијата нации од НАТО и ЕУ. Но, во суштина тоа е општиот балкански комплекс на инфериорност во однос на Западот. Сепак Македонците како да се најмизерни во тој поглед. Ние сите тука на Балканот, а посебно во Македонија треба да заборавиме на лошите периоди од историјата и да влеземе во еден хипер продуктивен процес на уметничко, научно и економско творештво, а притоа спонтано да отпочне процесот на национално помирување. Наместо слоганот – „бронза не се јаде”, слоганот „бронзата не рѓосува“, на пример како македонската душа. Но, најважна е љубовта.

Фактор: Кој е вашиот став во однос на одлуката на Владата да го укине титуларот “Национален уметник на Македонија“ ?

Станковски: Оваа морбидна одлука ми изгледа како пукање во мртов индијанец.

Фактор: Неодамна беше потпишан Договорот за добрососедство со Бугарија, сега на ред ќе биде Законот за јазици. Дали само преку овие два примери сметате дека на било кој начин се задира во унитарноста на земјата, националниот идентитет и историјата?

Станковски: Одамна суверенитетот на Р.М. е во рацете на бирократите од Стејт дипартментот, пред тоа конците ги влечеше Белград. Сега има обид за рекомпонирање на оваа држава. Тука во моментот се води силна, но невидлива битка на моќни сили при која големите македонски партии делуваат како ситни марионетки. Посебно партиите на власт. Ова секако создава срамна и апатична атмосфера во душите на граѓанството. Договорот со Бугарија е геостратегиска игра при која руските планери ја надиграа американската стратегија во регионот и сега линијата на огнот е поместена неколку стотини километри позападно. Евроазијците доаѓаат, тоа е огромна сила во која е вградено 85% од вкупниот планетарен број на луѓето. Денес веќе англосаксонскиот свет не е суверен господар на современите технологии, посебно не на војните системи. Со тоа овој до вчера монополарен тиранин на светската геополитика доби силна конкуренција која полека но сигурно ја слабее неговата моќ. Ќе биде интересно како партијата на власт за секунда ке се преврти и ќе се стутка во скутот на новата моќ која доаѓа од Истокот, исто онака како што со брзина на колибри се префрли од колената на Белград во прегратката на Вашингтон Д.Ц.

Фактор: Дали очекувате “реваншизам“ со оглед на тоа што бевте еден од гласните критичари на сегашната власт, тогашна опозиција?

Станковски: Реваншизмот е одраз на немоќ и лош вкус, а во неговата заднина е омразата. Тоа нивно фанатично чувство за одмазда врз некаква идеолошка основа е типична социјална патологија која трае додека лидерите не фатат позиции. Не верувам дека ќе трошат премногу енергија на еден “забеган” уметник како честопати ме деградираа на јавната сцена во нивниот псеудореволуционерен занес. Да бев на позиција во администрацијата ќе ме отпуштеа. Вака, што можат да прават со еден слободен уметник, кој никогаш не работел во институциите на системот и не примал месечна плата од буџетот. Впрочем ако сакаат може да те акнат со камен во глава и така да го манифестираат својот лудачки реваншизам. Но, сепак мислам дека се доволно пресметани за своите енергии ги чуваат за да се одржат на власт отколку садистички да се изживуваат со мирните граѓани кои кротко и милозливо пасат по ливадите на бесконечните фантазии со утописки пејзажи.

Евроазијски владетел, фотографија  на предлог на Станковски. 

Слично

Поврзани вести