Економија, финансии, бизнис

Контакт

Интерпромет Тетово продава недвижности вредни над 20% од имотот - „голема зделка“ за подобрување на ликвидноста

Интерпромет Тетово продава недвижности вредни над 20% од имотот - „голема зделка“ за подобрување на ликвидноста

Собранието на акционери на компанијата Интерпромет АД Тетово планира голема зделка со која се предвидува продажба на повеќе недвижности во сопственост на друштвото, со цел обезбедување ликвидни средства и стабилизирање на финансиската состојба. Одлуката треба да биде донесена на седница која ќе се одржи на 28 мај 2026 година, согласно Законот за трговските друштва и Статутот на компанијата.

Тетовски Интерпромет планира да продава недвижен имот кој е лоциран низ Тетово, а со продажбата се опфатени неколку станови со вкупна површина од над 360 метри квадратни, но и помошни простории, како и идеален дел од градежно земјиште, гаражен простор, лифт и заеднички делови од зградата како ходници и скали. 

Според плановите на компанијата, имотот може да се продава како целина, но и поединечно, во зависност од интересот на потенцијалните купувачи.

Меѓу имотот што планираат да го продаваат се наоѓаат четири стана со квадратура од 90 метри па нагоре, а продажбата ќе се реализира преку прибирање понуди, при што критериум ќе биде највисоката понудена цена. 

Минималната купопродажна вредност ќе биде утврдена врз основа на проценка од овластен проценител, а данокот на промет и сите поврзани трошоци ќе ги сноси купувачот.

- Минималната купопродажна цена на имотот кој е предмет на продажба согласно член 1 од оваа одлука да се утврди врз основа на проценка која ќе биде изготвена од овластен проценител.
Купопродажната цена која ќе биде утврдена врз основа на изготвената проценка е без пресметан ДДВ. Износот на ДДВ ќе биде изразен одделно во купопродажната цена - се наведува во објавата на компанијата. 

Дополнително, во случај купувачот да има потреба од кредит за купување на имотот, друштвото одобрува воспоставување хипотека врз недвижноста, како инструмент за обезбедување на финансирањето.

Од компанијата посочуваат дека зделката се класифицира како „голема“, бидејќи нејзината вредност надминува 20% од вкупниот имот на друштвото, што согласно законската регулатива бара одобрување од Собранието на акционери.

Целта на оваа одлука, како што е наведено во образложението, е обезбедување свеж капитал за тековните потреби на друштвото, како и можност за покривање на евентуални загуби од претходните години. Управниот одбор е овластен да ја спроведе целата постапка, вклучително и преговори, склучување договори и реализација на трансакцијата пред надлежните институции.

Од Интерпромет очекуваат дека преку овој процес ќе се постигне најповолна пазарна цена и ќе се подобри ликвидноста на компанијата во наредниот период.

- Предлогот се дава со цел обезбедување на ликвидни парични средства за потребите на друштвото и евентуално покривање на загуби од претходни години - се посочува во нивниот план доставен до Македонска берза.

Инаку, дејноста на тетовски Интерпромет е трговија на мало во неспецијализирани продавници. Всушност, оваа компанија е еден од најголемите издавачи на деловен простор во Тетово.

П.О.
Слично

Поврзани вести