ИНСТИТУТ ЗА ДЕМОКРАТИЈА: На кои ризици од корупцијата треба да се внимава во новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини?
Со најновите измени на Законот за организација и работа на
државните органи, четири нови министерства влегуваат под надзорната лупа на
новиот пратенички состав. Меѓу нив, Министерството за енергетика, рударство и
минерални суровини се истакнува како најважно и најприоритетно за новата Влада.
Токму, важноста на енергетиката и државните природни ресурси, како и големите
финансиски придобивки што концесионерите ги остваруваат во овие сфери, ги
прават таквите министерства подлежни на ризик, дури и во државите со добро
развиени антикорупциски политики. Ревизорските извештаи на Државниот завод за
ревизија (ДЗР) постојано истакнуваат бројни слабости во регулативата и надзорот
на концесионерските договори, како и недостатокот на долгорочна стратегија за
оптимално искористување на водните ресурси, енергијата, минералните суровини и
други природни богатства.
Последниот ревизорски извештај за експлоатација на минерални суровини нагласува дека надоместоците за експлоатираните ресурси не ги одразуваат реалните пазарни цени, поради што во периодот од 2018-2022 година државата наплатила само 1% од остварените приходи од продажбата на мермерните концесионери што отвора простор за сомнежи за коруптивни активности. Дополнително, во минатото имаше низа контроверзии во процесите за издавање, а подоцна и ревокација на концесиите и дозволите за работата на рудниците Иловица и Казандол што покажа дека неправилностите во регулацијата и во процесот на носење одлуки можат да резултираат со значителни спорови и штети по самата држава. Околу работата на новото министерство ќе се јават низа ризици од корупција на кои новиот парламентарен состав би требало да посвети особено внимание:
Зголемено странско и домашно лобирање: сосема очекувано е концесионерите преку лоби претставници да вршат несоодветно влијание врз службениците во министерството и пратениците, што ќе доведе до лоши економски одлуки или закони кои ги фаворизираат приватните интереси пред јавната благосостојба; Постои ризик и од корупција кај надлежни регулаторни и надзорни тела, чија работа може да фаворизира одредени поединци или групи, што ќе ги компромитира државните интереси и националните ресурси;
Конфликт на интереси: постои ризик службениците во новоформираното министерство или високи функционери, или со нив поврзани лица, да имаат лични финансиски придобивки во компаниите и концесиите чија работа ја надгледуваат, што ќе придонесе до пристрасно носење одлуки;
Слаби човечки и материјални ресурси во министерството: Органите, кои се приклучија кон новото министерството, имаат мал број вработени лица од кои се очекува да вршат инспекциски надзор врз работата на концесионерите и спроведувањето на договорите, што ќе придонесе кон отсуство на детални проверки и контроли, што пак дополнително ќе ја зголеми веројатноста за коруптивни активности во рамките на самото министерство; Со оглед на сензитивноста на овој сектор, од новиот парламентарен состав се очекува особена внимателност при донесувањето закони поврзани со работата на новото министерство. Притоа, тие треба да се залагаат за редовно доставување процена на влијанието на регулативата (ПВР) и антикорупциска процена на легислативата (АПЛ) заедно со предлог-законите.
Паралелно, пратениците треба да организираат редовни јавни расправи и консултации со експертската јавност и граѓанскиот сектор, што ќе помогне во создавање закони кои се добро анализирани, транспарентни и во најдобар интерес за јавноста. Новите пратеници треба да се придржуваат кон законската обврска за известување на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) за сите случаи на лобирање од страна на трети лица во текот на процесите за законодавните промени. Собранието има должност тоа да го побара и од претставниците на извршната власт. Истовремено, од Собранието се очекува редовно да ги зема предвид и да разговара по сите релевантни ревизорски извештаи на ДЗР со што би ги согледале сите пропусти и недостатоци при работење на министерството, особено при наплатата на концесионерските надоместоци. Последно, со оглед на ограничените човечки ресурси, важно е пратениците да се ангажираат и да се отворени за алоцирање дополнителни финансиски средства за подигнување на капацитетите на инспекторатите.
Притоа, имајќи ја предвид и важноста на овој сектор, да побараат од власта и стратегија за создавање нови професионални и добро обучени кадри за потребите на министерството. Новото Министерство за енергетика, рударство и минерални ресурси има потенцијал да донесе значителни придобивки за економскиот развој на државата. Меѓутоа, постојат значителни ризици од корупција кои мора да се адресираат проактивно. Пратениците имаат клучна улога во осигурувањето на интегритетот и транспарентноста на министерството преку усвојување соодветни закони и надзорни мерки. Со тоа ќе се осигури дека министерството работи во корист на сите граѓани и дека природните ресурси на земјата се управуваат одговорно и одржливо. Овој документ за јавни политики е дел од проектот „Поттикнување дебата за отчетност и антикорупција“ чија цел е да придонесе кон реформски процеси во Северна Македонија преку зајакнување на улогата на Собранието во борбата против корупцијата и креирањето реформи во владеење на правото, овозможувајќи дијалог меѓу партиите и подмладоците, како и меѓу пратениците и граѓанското општество. Проектот е поддржан од Националниот фонд за демократија.
