Институциите ќе ги гонат Коки и Кики кои изнудувале пари?
На денешната парламентарна седница премиерот Зоран Заев изјави дека институциите водат истрага околу написите за луѓе со псевдоними Коки и Кики, кои, се здружиле и изнудувале средства од актуелни и поранешни функционери и стопанственици.
Заев вели дека за ова се зборува во Скопје, но и во внатрешноста. Прашање за овие лица постави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
„До мене допрел глас, за тоа се пишува по медиумите со псевдоними, се зборува во јавноста и јас се заинтересирав и истрагата ќе ги каже резултатите. Драго ми е што се води истрага по допрен глас, дај Боже да има докази за оваа работа. Не сакам однапред да обвинувам, но ако се случиле вакви работи ќе има одговорност за кој и да е. Законот важи за сите“ – рече Заев.
Тој потврди дека се точни дел од написите за одредени лица кои од актуелна градоначалничка од СДСМ побарале да им додели локација за бесплатна градба без да платат комуналии, меѓутоа, како што истакна, таквото барање е одбиено од причина што не постоеле такви локации и за тоа одлучувал советот на Општина Битола.
