ИНСТИТУЦИИТЕ ДА РЕАГИРААТ: Уништена e спомен-плочата на бранителите кај Гајре
Уништена e спомен-плочата на бранителите кај тетовското село Гајре.
Таа е поставена на патот над Гајре во чест на петмината армиски бранители убиени во 2001 година, информираат денеска од Одборот на бранители. Членовите на Одборот извршиле увид на местото по што констатирале дека плочата поставена пред две недели веќе ја нема. Во 2001 година на ова место загинаа Исак Руфати од тетовско Одри, Влатко Миленковски и Благојче Сиљанов од Битола, Пеце Матичевски од битолско Новаци, Кољо Китанов од струмички Сарај.
„Обврска е на органите на државата да ги заштитуваат и чуваат истите. Меѓутоа овде тоа не е случај. Згрозени сме од настанот и по којзнае кој пат ги повикуваме органите да посериозно си ја извршуваат оваа обврска. Многу чудно е што досега ништо не е откриено, иако секогаш сме укажувале и апелирал на заштита на спомен белезите. Иако оваа спомен плоча издржа најдолго од поставувањето сепак вандализмот и врз неа не изостана. Трпението кај бранителите, родителите на загинатите и граѓаните се исцрпува. Ова нека биде последен повик до органите да си ја извршуваат својата службена обврска, да се стават во заштита на спомен обележјата и чувствата на граѓаните“, изјави претседателот на Одборот на бранители, Марин Најдов.
Ова не е прв пат да се случи вакво нешто. Плочата во чест на бранителите загинати кај Карпалак, а поставена на автопатот Скопје - Тетово постојано е уништувана. Таа е поставена во чест на бранителите кои беа масакрирани од терористите на ОНА во текот на воениот конфликт од 2001 година.
