Инспекторите излегоа на терен против загадувачите, се подготвуваат и дроновите
Градската комунална инспекција излезе на терен и започна со лоцирање на палежите на огнови кои согоруваат отпад и го загадуваат воздухот во Скопје. Во последните пет дена добиени се 43 телефонски пријави од граѓани, при што биле изгаснати десет огнови на јавна површина, додека имало и такви на приватен имот.
– Има евидентно зголемување на бројот на интервенции на градските инспектори за животна средина – 89 проценти во септември годинава во споредба со истиот месец лани и 107 отсто за месец октомври споредено со истиот месец во 2017 – вели Мирослав Богдановски, директор на Инспекциската служба на град Скопје.
Градската управа најавува активирање и на два дрона кои ќе им помогнат на инспекторите и редарите прецизно да ги лоцираат огновите кои предизвикуваат локално аерозагадување, но и инсталирање на видео-камери..
– Засега се предвидени да функционираат два дрона, од кои секој со едно летање покрива површина од 200 хектари па така ќе можеме попрецизно да ги лоцираме загадувачите на терен – информира Богдановски и додава дека се разгледува можноста за поставување и на камери на повисоките објекти во градот со поголеми геолокациски можности, се со цел да се утврди каде точно се наоѓа загадувачот. Овие мерки значително ќе го зголемат обемот на реализирани интервенции на инспекцијата - вели Богдановски.
Додава дека службите работат со по една патрола во смена, со вкупно три смени за 24 часа.
