ИНСПЕКТОРИТЕ АКО НЕ ОТИДАТ ДА ГИ ЗАТВОРАТ ВО 01:00, КАФУЛИЊАТА РАБОТАТ ЦЕЛА НОЌ: ЦЈЗ Охрид очекува зголемување на бројот на заразени со вирусот
Пазарниот
инспекторат е деноноќно на терен. По пријави на граѓани прават увид секаде каде
што кафулињата, рестораните и другите угостителски објекти ги прекршуваат
протоколите за работа и здравствените мерки. Велат дека се соочуваат со разни
приказни од страна на сопствениците, слушаат се и сешто, само тие што наумиле
да си организираат некаква веселба, да го истераат своето.
-120 инспектори дење ноќе одат низ градовите и вршат инспекции. Ги менуваме постојано. Ако инспекторот е од Скопје, го праќаме во Охрид, Дојран...оние што се од Тетово, на пример, ги праќаме во Скопје, Струмица и така натаму, за да немаат пријателски односи со сопствниците на кафулињата, бидејќи во помалите места сите се знаат и сите се пријатели. Во јули поднесовме многу кривични пријави, а за опомени и прекршочни да не зборувам. Вратите на оние ноќни клубови кои правеа журки цела ноќ, се затворени со налепница од Инспекторатот, ќе отворат кога ќе бидат донесени протоколи за работа. Дотогаш остануваат затворени. Но, сега најголемиот проблем се плажите. Инспекторите се таму постојано, но што да речам и со по две кривични пријави, тие се продолжуваат со работа. Не можеме да излеземе на крај, вели Стојко Пауновски, директор на Пазарниот инспекторат.
Тој појаснува дека на плажите е дозволено само да има шанк, а не целото место да изгледа како кафуле, ресторан, но вели дека имаат некакви лиценци кои ги добиваат дека може да работат и како угостителски објект. Тоа, како што истакнува Пауновски им претставува вистински проблем и нагласува дека во најголемиот број од кафулињата, низ цела Македонија, ако не отидат инспекторите да затворат во 1 часот по полноќ, тие си прават журки цела ноќ.
-Разни приказни се изнаслушавме. На пример, по пријави на граѓани знеме дека некаде се прави свадба. Кога ќе отидат таму инспекторите, им велат дека тоа е организиран ручек, дека ќе има музика но дека сите ќе си седат на своите места како што е според протоколите. И сега ние всушност треба да седиме цел ден на свадбата, за да не бидат направени прекршувања. Па потоа сме имале кластери од свадби, веселби, родендени, па нормално дека ќе има, вели Пауновски.
И од Центарот за јавно здравје Охрид посочуваат дека никаде во градот преполн со туристи не се почитуваат мерките за заштита и спречување на ширењето на корона вирусот, но засега нема зголемен број на млади заразени.
-Младите како инат да тераат, но за среќа се уште нема зголемување на бројот на ново инфицирани. Сепак, мора да истакнам дека и немаме целосен увид во тоа бидејќи ако се разболат, имаат температура, стомачни проблеми, веднаш ги викаат родителите и тие нормално си ги земаат децата и си ги враќаат назад во Скопје или во другите градови, вели д-р. Јованка Стурлакова Коровешоска, епидемиолог во охридскиот Центар за јавно здравје.
Д-р. Коровешоска потенцира дека во Охрид во моментов имаат повеќе фамилијарни кластери, и дека и тоа е резултат на несовесното однесување на граѓаните во однос на мерките и протоколите за заштита од Ковид-19.
Анита Буховски