Инспектори и полицајци интервенираат кај загадувачи, казни засега само во Велес
Комбинираните тимови од инспектори и припадници на МВР координирани од седум влчадини советници изрекоа повеќе мерки и глоби при спроведување на засилените контроли за спречување на аерозагадувањето, при што најригорозни казни имало на подрачјето на општина Велес во изминатиот период.
Во обој град при надзор на инсталациите и објектите кои подлежат на Б-дозволи и eлаборати, беа изречени неколку мерки, меѓу кои спогодување за плаќање на глоба во износ од 50.000 евра на прехранбената индустрија „Благој Ѓорев“ АД Велес, која треба да се плати на сметка на Буџетот на РСМ во рок од 15 дена за пожарот во Б-инсталацијата со кој се предизвика значително негативно влијание врз животната средина и амбиентниот воздух.
Покрај тоа, во Велес изречена е забрана за употреба на опрема за дробење на компанија за сепарирање на песок, издадено е решение за отстранување на недостатоци кај автомеханичарски сервис, решение за постапување со отпад од вршење на дејност во работилница, како и одземање на железнички прагови и нивни делови пронајдени кај физичко лице кои биле користени за греење.
Инспекторатот на Град Скопје по реакција на граѓани, излегува на терен заедно со акредитирана лабораторија, спроведува вонреден инспекциски надзор и мерење на граничните вредности од стационарниот емитер.
Извршени биле вонредни инспекциски надзори во правни субјекти, обиколки на површини и диви депонии, како и контрола на начинот на кој се загреваат субјектите во повеќе општини низ земјата (меѓу кои Босилово, Виница, Тетово, Гостивар, Илинден, одделни општини во Скопје, Карпош, Центар, Гази Баба, Шуто Оризари, Сарај, Конче, Куманово, Велес, Гевгелија...)
Од генералниот секретаријат на Владата известуваат дека се прават секојдневни интензивни контроли од тимовите составени од инспектор за животна средина и комунален инспектор и редар. Тие се вршат во речиси сите општини во државата и за тоа се испраќаат извештаи до кабинетот на премиерот Зоран Заев.
„Контролирани беа сите места во градот кои се потенцијални извори на загадување, како земјоделски земјишта каде се палат стрништа, угостителски објекти каде се појавил чад, како и обиколка и контрола на фабрики по поднесена пријава дека е забележан чад или непознат мирис. Во наредниот период надлежните ќе продолжат со вршење на вонредни инспекциски надзори во правни субјекти кои поседуваат Елаборат за заштита на животна средина секаде каде што има појава на емисии во амбиенталниот воздух, ќе контролираат површини каде постојат депонии и стрништа и редовно ќе известуваат за преземените интервентни акции“, се вели во дел од соопштението.
