Инспекција за решетките на „Македониумот“: Управата за заштита на културното наследство не дала дозвола за интервенцијата
Инспектори од Управата за заштита на културното наследство утре ќе извршат вонреден инспекциски увид во Крушево за да ја испитаат состојбата со споменикот „Македониум“ и поставувањето метални решетки врз галериите со витражи.
Во изјава за порталот „Сдк“, директорката на Управата, Весела Честоева, потврди дека нејзината институција не издала конзерваторско одобрение за монтирање на спорните решетки.
Споменикот е прогласен за културно добро во опасност
Честоева објасни дека Управата, по предлог на НУ Завод и музеј – Прилеп, уште во 2025 година донела решение со кое споменикот „Македониум“ е прогласен за културно добро во опасност.
„Со решението се пропишани итни мерки на заштита со кои се предвидени изведба, конзервација и монтажа на заштитна времена конструкција над витражните композиции и над застаклените галерии. Но, во однос на поставувањето на заштитната времена конструкција, до Управата не е доставено барање за конзерваторско одобрение за превентивна заштита. Донесов наредба инспекцискиот надзор да излезе на терен и да направи увид за што јавноста ќе биде благовремено известена“, изјави Честоева.
НКЦ објави фотографии со решетки, но без потврда за согласност
На 24 јули, Националниот конзерваторски центар (НКЦ) објави дека на 22 јули нивен стручен тим извршил увид на витражните композиции на сликарот Борко Лазески. Иако на објавените фотографии се гледа дека решетките се веќе монтирани, во соопштението никаде не се наведува дека конзерваторите дале согласност за нивно поставеност.
Од НКЦ наведуваат дека увидот бил реализиран како стручна поддршка на носителот на проектот – НУ Завод и музеј Прилеп:
„При увидот беа констатирани бројни оштетувања на металната носечка конструкција, како и на витражните стакла, при што беше утврдена потребата од итно преземање конзерваторски мерки за нивна заштита. сите констатирани оштетувања ќе бидат детално документирани, анализирани и стручно евалуирани, со цел изработка на соодветна конзерваторско-реставраторска документација и обезбедување долгорочна заштита на овој значаен споменик“, информираа од НКЦ.
Завод и музеј – Прилеп: „Мерките се исклучиво превентивни“
Директорката на прилепскиот Завод и музеј, Мимоза Христоска, соопшти дека преземените дејствија имаат исклучиво превентивна заштитна функција и дека во тек е изработка на Основен проект за конзервација, реставрација и санација на куполата.
Сепак, во нејзината реакција не се наведува дали институцијата добила дозвола од Управата за заштита на културното наследство пред да ги започне активностите.
Револт во јавноста: Симболот на слободата ставен „зад решетки“
Поставувањето на металните решетки предизвика општ гнев во јавноста. Граѓаните и стручната фела реагираат на бруталноста на методот — користење бор-машини и дупчење на автентичната бетонска структура со цел да се спречи понатамошно оштетување, како и на лошата перцепција и симболика што ја испраќа овој чин: симболот на борбата за слобода да биде ставен зад решетки.
