Иницијативата за референдум за „дигиталните учебници“ не била уредна
Иницијативата за распишување референдум за одлучување на државно ниво доставена преку граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ е неуредна зашто не е поднесена во форма предвидена во членовите 66 и 70 од Законот за референдум., објави Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Денеска во Собранието граѓанска иницијатива за распишување на референдум за одлучување на државно ниво доставена преку Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“, преку овластениот предлагач Драгана Спасевска беше единствената точка на дневниот ред на седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и на Законодавно – правната комисија.
По јавната расправа по предлог законот за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка, заклучокот ќе му биде доставен на претседателот на Собранието, а иницијаторите може повторно да поднесат барање во законодавниот дом. Пратеничката Соња Мираковска, претседателка на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, очекува од групата иницирана на социјалните мрежи да се соберат уредно најмалку 100 потписи и да се достават во рок од два дена.
- Потписите не се собрани пред овластена институција – подрачните единици на Министерството за правда, каде што во работно време треба да се потпишат и треба печат од институцијата. Тоа е процедурата – на таков начин треба да се соберат 100 потписи. Кога ќе биде уредна иницијативата, треба да ја поднесат во Собрание и во рок од два дена Комисијата за политички систем и Законодавно-правната комисија треба да донесат одлука за уредноста. Доколку е уредно поднесена, постапката продолжува понатаму – изјави пратеничката Соња Мираковска, претседателка на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.
