Иницијативата за апсење на Јахија потекнува од Европа
Европската служба за спречување измама – ОЛАФ и италијанското обвинителство од Милано го иницирало денешното апсење на Јахи Јахија, државниот секретар на Министерството за информатичко општество и администрација и кадар на ДУИ, се вели во извештајот. Осомничениот за примање поткуп и провизии од ИПА-фондовите се очекува да биде спроведен во притвор. Покрај функционерот од Липково, осомничен е и Ј.Г. (52) од Скопје кој е во бегство.
Полицијата извршила пет симултани претреси во Скопје и Куманово од кои во две правни лица и едно министерство, како и во осум правни лица во Италија. Притоа Министерството за внатрешни работи привремено одзеде повеќе од десет компјутери (десктоп и лап-топ компјутери), УСБ и микро СД мемориски картички, мобилни телефони, таблети, два пиштола, парични средства и обемна службена документација, а еден осомничен е лишен од слобода.
Се вели дека се обезбедени потребните докази во врска со нерегуларности, измами и корупција во неколку проекти спроведени во различни институции во нашата држава, финансирани од Европската Унија во износ од 1,2 милиони евра, во период 2014-2016 година.
Осомничените примилe подарок – патување во странство во три наврати, со вкупна вредност од 7.000 евра за да извршат службено дејствие што не смееле да го извршат. На апликант на тендерот му овозможиле детален пристап до доверливи тендерски информации со што му овозможиле предност во однос на конкурентите и така да биде избран да спроведува ИПА проект сп склучен договор во вредност од 1.096.900 евра.
За ова им била дадена и парична награда од 37.930 евра, односно 2.500 евра.
