Економија, финансии, бизнис

Контакт

Инфраструктурните проекти – двигатели на економскиот развој

Инфраструктурните проекти – двигатели на економскиот развој

Иако во најголема мера сме несвесни за нејзиното присуство, инфраструктурата е составен дел од секој аспект на човечкиот живот – од водата што ја пиеме, преку начинот на кој патуваме до училиштата или работните места до квалитетот на здравствените и социјални услуги до кои имаме или немаме пристап. Сегашниот дизајн на глобалната инфраструктура учествува со дури 70 проценти во стакленичките гасови. Климатските промени, геополитичките кризи и глобалната пандемија дополнително укажуваат на значењето на континуираните инвестиции во одржлива инфраструктура која навремено може да одговори на тековните промени и предизвици, да ги заштити граѓаните и да ги обезбеди потребните услуги за нивното секојдневно функционирање.

Со оглед на тоа дека придонесува кон зголемена продуктивност и раст, ја олеснува трговијата и мобилноста на луѓе и добра, инфраструктурата има важна улога во економскиот просперитет и раст на една држава и е во суштината на сите 17 Цели за одржлив развој дефинирани во Агендата 2030 на Обединетите нации. Според Доброволниот национален преглед (ДНП) за остварувањето на Целите за одржлив развој (ЦОР) во Северна Македонија објавен во мај 2020 година, инвестициите во руралната инфраструктура, како и во инфраструктурните објекти во здравството и образованието се едни од главните државни приоритети, паралелно со инвестициите во енергетската ефикасност на постоечките објекти но и интегрираната инфраструктура за собирање и третман на отпад. 

Висококвалитетните инфраструктурни инвестиции стимулираат отворање на нови работни места, поттикнуваат странски инвестиции и ја подобруваат продуктивноста во градските и руралните средини. Патиштата и железничката инфраструктура имаат клучна улога во олеснувањето на пристапот до пазарот, намалувањето на производните трошоци и зајакнувањето на трговските мрежи. Истовремено, зголемената поврзаност го намалува растојанието меѓу купувачот и производителот, со што им овозможува на фармерите и другите производители од руралните средини да развијат свои претприемачки капацитети, намалувајќи ги притоа сиромаштијата и нееднаквоста (ЦОР1, ЦОР2 и ЦОР10). 

Имајќи го предвид обемот на инвестициите што се потребни за остварување на овие проекти, потребно е вклучување на јавни, приватни, домашни и меѓународни извори на финансирање. Според ДНП, приливите од домашниот буџет се примарни во финансирањето на Целите за одржлив развој во Северна Македонија, вклучувајќи ги и инвестициите во инфраструктурата. Делегацијата на ЕУ и системот на ООН се пак главните даватели на помош за развој, поддржувајќи остварување на 131 од 169-те глобални таргети на Агендата 2030.

Постојат повеќе фондови и алатки кои им стојат на располагање на државите за финансирање на инфраструктурните проекти, особено за оние со компонента на одржливост. Овие алатки обезбедуваат структуриран пристап во идентификување на потенцијалните извори за финансирање и развој на инфраструктурни проекти, со што се помага во премостувањето на разликата меѓу државните и приватните финансиери со цел да се забрза спроведувањето на проекти за одржлив, отпорен и инклузивен развој во инфраструктурата. Истовремено постои и зголемен интерес за таканаречените импакт инвестиции, каде инвеститорот покрај фокусот на производот, продажбата и профитот сака да постигне и одредено позитивно општествено влијание. Таков е примерот со Вашингтон, каде инвеститорите во одредени области имаат обврска во своите објекти да вградат и зелена инфраструктура, како што се паркови или зелени покриви, со што директно влијаат врз поздрава и почиста животна средина.

Слично

Поврзани вести