ИНФЕКТОЛОГОТ ИЛИР ДЕМИРИ: Минатата недела изгубивме млад живот, пациентот не беше вакциниран, и омикрон прави компликации особено кај невакцинираните
Работиме со
исполнети болнички капацитети, нагласи на денешната прес-конференција
инфектологот Илир Демири, воедно и член на Комисијата за заразни болести,
потенцирајќи дека луѓето воопшто не треба да се опуштаат кога станува збор за
варијантата омикрон, за која се вели дека дава полесна симптоматологија.
-Оваа варијанта е полесна кај поголемиот број од популацијата, но не треба да се заборава дека добар дел што лесно ја прележуваат болеста се вакцинирани против ковид. Кај одредена популација која е невакцинирана и омикрон варијантата придонесува кон тешка клиничка манифестација. Охрабрувањата од типот дека омикрон е полесен и полесно се поминува, не држи од клинички аспект. Од мое лично искуство, без да се ослонувам на научни факти, можам да кажам дека до ден денеска немам евидентирано ниту еден пациент кој е починат, а редовно вакциниран, без коморбидитети. Иствовремено, сум сведок на многу пациенти кои починале без коморбидитети, но не биле вакцинирани. Сакам да апелирам до јавноста дека единствената мерка би не заштитила е вакцинацијата. Само тоа ни е спас. Од сите кои се починати треба да се направи една посебна статистичка обработка, но 90 проценти од починатите се невакцинирани, имавме и млад живот кој го изгубивме. Пациентот беше невакциниран, со дополнителни здравствени состојби, односно хипертензија и обезност. Жалосно е пациент да живее во Скопје и да не е вакциниран, жалосно е, рече д-р Демири.
А. Б.