Инекс Горица со добивка од 223 илјади евра
Инекс Горица АД Охрид, друштвото поврзано со хотелскиот комплекс „Инекс Олгица Хотел & СПА“, во 2025 година остварило приходи од околу 2,14 милиони евра и добивка од околу 223 илјади евра. Една година претходно, приходите изнесувале околу 1,95 милиони евра, а добивката околу 158 илјади евра.

Вкупните средства на друштвото на крајот на 2025 година се прикажани на околу 7,47 милиони евра. Од нив, недвижностите, опремата и другите нетековни средства се прикажани со вредност од околу 6,88 милиони евра. Самото земјиште на кое се наоѓа хотелот „Инекс Олгица“ во извештајот е заведено со вредност од околу 2,83 милиони евра.
Друштвото во Извештајот за финансиската состојба има искажано земјиште во вкупен износ од 173.775 илјада денари од кое во државна сопственост е во износ од 162.143 илјади денари и во приватна сопственост во износ од 11.632 илјади денари.
Дополнително се наведува
„Правото на користење на 137.200 м² државно земјиште е уредено со Одлука на Владата на Република Македонија број 23-1415/1 од 16.06.1997 година. Заклучно со 2011 година Друштвото има извршено откуп на градежно земјиште со вкупна површина од 29.767 м² врз основа на Решенија за приватизација на градежно земјиште со надомест добиени од страна на Министерството за финансии, Управата за имотно правни работи, Одделение во Охрид. Дел од откупеното земјиште со вкупна површина од 15.969 м² е намалено со продажбата на земјиштето на Хотел Парк. Согласно Имотен лист број 90295 од 22.12.2011 година во сопственост на Друштвото е заведено земјиште во површина од 13.798 м².“
Со тоа, друштвото има право на користење на 137.200 квадратни метри државно земјиште врз основа на владина одлука од 1997 година, а според имотен лист од 2011 година има заведено сопствено земјиште од 13.798 квадратни метри.
Во рамки на друштвото се наведени хотелот „Инекс Олгица Хотел & СПА“ во Охрид, Автокамп Градиште во Пештани и игротека „Инекс Олгица“. Основната дејност е хотели и слични објекти за сместување.
Во 2025 година продолжиле и вложувањата во хотелскиот комплекс. Зголемувањето на градежните објекти изнесува околу 396 илјади евра и се однесува на инвестиции во хотел „Инекс Олгица“, изградба на базен и опрема за греење и ладење. Опремата е зголемена за уште околу 95 илјади евра, главно за ресторанскиот и хотелскиот дел.
Најголем акционер е Божо Илоски со 65,96 проценти од акциите. Светозар Шарески поседува 17 проценти, A A A Windows & Doors Corporation USA има 12,79 проценти, а останатите физички и правни лица имаат вкупно 4,25 проценти.

Друштвото во 2025 година имало просечно 71 вработен. Вкупните обврски на крајот од годината изнесувале околу 1,85 милиони евра, а во извештајот се наведуваат и обврски кон друштвото Ремис ДОО Охрид, главно по основ на заем и камати.
Филип Костов
