Индијанците на Алјаска го решија проблемот со отпадот, во Македонија тоа не може заради корупција
Македонија има законски решенија за управување со отпад и заштита на животната средина, но само на хартија, а најголем проблем за инвеститорите се митото и корупцијата од највисоко до најниско ниво и затоа фирмите се плашат да дојдат и да склучат јавно-приватно партнерство со општините за изградба на регионални депонии.
Ова го потенцира Љупка Арсова, виш инженер за заштита на животната средина и кординатор за управување со отпад во Источната истражувачка група (ERG), која беше еден од предавачите на 10. Школа за млади лидери што од 11 до 22 февруари се одржува во Струга во интервју за МИА.
Арсова открива за предизвиците со кои се соочува во секојдневната работа, а за надминување на проблемот со депониите смета дека јавно-приватното партнерство е идеално решение, кое се применува во повеќе европски земји, а во последно време и во Америка.
Македонија работи на таа тема. Направени се планските региони и развојни планови за нив. Јавно-приватните партнерства се добитна варијантна за управување со отпадот. Тие се честа појава и добар модел за вакви проекти. Насекаде во Европа се користи за изградба на постројки и депонии, а сè почесто се применува и во Америка. Знам дека има интерес кај реномирани компании да дојдат во Македонија и да работат. Сметам дека нема да е проблем да се најде фирма што сака да инвестира, да направи и да развие бизнис-модел, кој ќе биде одржлив економски за нашите општини. Најголем проблем што инвеститорите го гледаат во нашата држава е корупцијата од највисоко до најниско ниво и неимплементирањето на законите и затоа фирмите се плашат да дојдат, вели Арсова.
Таа посчува дека животна лекција ќе ѝ остане соработката со индијанското племе на Алјаска, каде што во барањето начин за решавање на проблемот со комуналниот отпад тие побарале одржливо решение што ќе ги задржи нивните деца на островот, односно дека инвестицијата е за нивните деца.
Фото/Извор: МИА
