ИНЦИДЕНТИ ВО СКОПЈЕ: Имало пукање по завршување на гласањето
Полицијата регистрира неколку одделни инциденти со пукање по завршување на гласањето.
Синоќа околу 22.15 часот во СВР Скопје е пријавено дека во градинка на ул.„Коста Новаковиќ“, додека се вршело пребројување на гласачки материјал, се слушнало пукање. Проектил завршил во гласачкото место бр.2687, каде биле присутни претседателот и седум членови на Изборната комисија. Повредени нема, а оштетен е ѕидот низ кој поминал проектилот.
Во Полициската станица Центар, синоќа околу 22.15 часот С.Ф. од Скопје пријавил дека додека седел со неговиот малолетен син во една од собите од семејната куќа на ул.„Мирослав Крлежа“, се слушнало пукање од огнено оружје, а проектилот го пробил покривот и паднал на паркетот во нивна близина. Повредени нема и во овој случај.
Во Полициското одделение Сарај, В.Д. од Сарај синоќа околу 22.20 часот пријавил дека на ул.„10“, на неговото паркирано патничко возило „фолксваген пасат“, со скопски регистарски ознаки, му било оштетено задното ветробранско стакло од проектил од огнено оружје.
Се преземаат мерки за расчистување на случаите.
