ИНЦЕСТ ВО МАКЕДОНИЈА: Kој го пријави злоставувањето на децата во Битола?
Социјалните работници се посомневале и го пријавиле случајот со сексуалното злоставување на децата во Битола.
Ова деновиве ја потресе македонската јавност. Таткото на возраст од 58 години, сексуално ги злоставувал трите деца на возраст од 6, 8 и 13 години во текот на 2019 година во нивниот дом. Тој доби 30 дена притвор. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека Центарот за социјални работи Битола постапил во согласност со своите надлежности веднаш по добивањето на информации за семејно насилство и сексуално злоставување.
„Децата се згрижени на безбедно и од стручен тим ја добиваат потребната психосоцијална помош и поддршка. Семејството е корисник на права од системот за социјална заштита, и истото било под надзор на социјалните работници, коишто всушност се посомневале и го пријавиле случајот“, велат од МТСП.
Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против родителот осомничен дека сторил три продолжени кривични дела „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“ од член 188 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик. За ова дело законот предивидува казна затвор од најмалку 12 години. Таткото бил алкохоличар и поранешен затвореник.
Но, ова не е прв ваков случај во Македонија.
Лани во гостиварско три лица извршиле полов напад врз дете.
Во 2016 година во Велес имаше случај каде таткото ја силувал својата малолетна ќерка.
Во 2010 година во истиот град татко силувал три малолетни ќерки на возраст од 3, 5 и 7 години.
Децата во Македонија трпат секаков вид насилство, а се реагира кога веќе е доцна.
Во првите девет месеци од годинава во нашата земја се пријавени 709 кривични дела од областа на семејното насилство, соопшти Хелсиншкиот комитет за човекови права минатиот месец.
