ИМОТИ „ТЕШКИ“ 384 МИЛИОНИ ЕВРА ПОД ХИПОТЕКА – нашите сограѓани не се плашат да ги стават становите под залог, битно е да се дојде до дом
Потреба или хир, предност или придобивка. Податоците за хипотекарните товари на имотите покажуваат еден тренд на континуиран раст од година во година. Делумно ова се должи на растот на вредноста на недвижните, но удел има и растот на бројот на имотите кои се ставаат под хипотека.
И најновите податоци покажуваат дека продолжува трендот на раст на вредноста на имотите ставени под хипотека. Според последните податоци од Агенцијата за катастар на недвижности, во првите три месеци од годинава, вкупната вредност на имотите ставени под хипотека надминува 380 милиони евра. Притоа под хипотека се ставени вкупно 2.596 имоти.
- Во периодот јануари - март 2025 година се запишани товари врз недвижностите во вкупен број од 2.596 и со вкупна вредност од 384,9 милиони евра или 4.929.828.022 денари – се посочува во извештајот на Агенцијата за катастар на недвижнини.
Иако, сумата е пониска од вредноста на имотите под хипотека ставени во четвртиот квартал од 2024 година, сепак, се забележува тренд на раст.
Така на пример, прво споредба ќе направиме со истите месеци минатите години. Па ако се погледнат податоците од иститите квартали во претходните години, ќе се види раст на вредноста на имотите кои биле ставени под хипотека.
Па така, во првиот квартал 2024 година, под хипотека биле ставени 1.953 имоти во вредност од над 326,6 милиони евра.
- Во периодот јануари - март 2024 година се запишани товари врз недвижностите во вкупен број од 1.953 и со вкупна вредност од 326.659.594 евра или 3.315.341.507 денари – се наведува во кварталниот извештај на Катастар.
Во периодот од јануари до март 2023 година вредноста на имотите ставени под хипотека достигнувала 229 милиони евра, а вкупно под хипотека биле заложени 1.670 имоти.
- Во периодот јануари - март 2023 година се запишани товари врз недвижностите во вкупен број од 1.670 и со вкупна вредност од 229.025.353 евра и 3.319.570.447 денари– стои во кварталниот извештај на Катастар.
Податоците на Агенцијата за катастар на недвижнини покажаа дека најголема вредност на имотите ставени под хипотека минатата година беа во последните три месеци од годината.
Имено извештаите на Катастар покажуваат дека во периодот од октомври - декември 2024 година се запишани товари врз недвижностите во вкупен број од 3.063, со вкупна вредност од 650 милиони евра.
Третиот квартал од минатата година се впишани помалку хипотеки во Катастарот. Како што може да се види од кварталниот извештај, во периодот јули - септември 2024 година се запишани товари врз 2.037 недвижности и со вкупна вредност од 398 милиони евра.
Во периодот април - јуни 2024 година се запишани товари врз недвижностите во вкупен број од 1.695 недвижнини со вкупна вредност од 343 милиони евра.
П.О.
