Името не му се знае, но новиот технички во МВР ќе наследи многу стари возила и трошоци за поправки
По две и половина години министерување во еден од најзначајните ресори во државата, Оливер Спасовски си заминува од таму, за на трети јануари да седне на челното место на преодната Влада како технички премиер. Неговиот наследник во МВР засега останува непознатица, откако СДСМ го одби предлогот на опозциската ВМРО-ДПМНЕ - полковникот во АРМ, Драган Ковачки, да биде технички министер за внатрешни работи.
Од владејачката партија изјавија дека предлогот е неуставен, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, треба да даде нов. Се повикуваат на членот 97 од Уставот, а тој гласи дека на чело на МВР мора да застане цивилно лице, кое најмлаку три години не е во унифоирма. Партијата на премиерот Зоран Заев, како што нагласија, и натаму останува отворена за наоѓање прифатливо решение, со кое нема да се крши Уставот. Сметаат дека има доволно време до трети јануари да се постигне согласност за ново име.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, преку својот фејсбук профил и порача на власта да не ги одложува работите. Додаде и дека со кочењето професионалец да застане на чело на МВР, таа нема да го избегне неминовниот пораз, како и дека оспорувањето на техничкиот министер за внатреешни работи, е бегство од предвремени избори. Во опозициската партија не гледаат пречки нивниот предлог Драган Ковачки да биде министер за внатрешни во преодната влада, бидејќи станува збор за докажан професионалец.

И додека партиите и експертите се со спротивставени ставови дали Ковачки треба или не да седне на раководното столче во МВР, а Спасовски веќе се подготвува за позицјата технички премиер, се поставува прашањето што ќе наследи новиот технички министер за внатрешни работи, кој од трети јануари па во следните сто дена ќе се грижи за безбедноста на земјата, но и оттаму ќе контролира и ќе превенира да не дојде до злоупотреби од страна на власта на изборниот процес.
Фактор уште пред да се искристализира името на Спасовски како технички премиер, се интересираше со колку возила располага МВР, како се грижи за нивното сервисирање, и дали наменски ги троши парите за нивно одржување.

Според одговорите кои ги добивме деновиве од МВР, ова министерство, заклучно со први април годинава, располага со вкупно 2.226 возила. Тука, како што нагласуваат од Министерството, се вклучени сите возила, а меѓу нив и специјални, оклопни, товарни и слично.
За поправки, нагласуваат, годишно требаат меѓу 50 и 70 милиони денари, или изразено во евра, меѓу 800 илјади и 1,1 милиони евра, што зависи од староста на возниот парк.
„Одделот за општи и заеднички работи постапува по добиено барање за поправка и одржување од сите организациски единици на Министерството. Во зависност од потребите, а имајќи ја предвид и староста на возниот парк, за поправки е проектирана сума од 50-70 милиони денари годишно“, објаснија за Фактор од МВР.
Оваа година, како што нагласуваат, од почетокот па досега, за поправка на возилата МВР издвоило 41.292.951 денар, или 671 илјади евра, заедноно со ДДВ.
Натаму, на барање на Фактор, од МВР одговорија дека за одржување на возилата на Министерството биле ангажирани пет економски оператори, но со еден оператор договорот е раскинат, па сега за сервис се ангажирани четири фирми. Компанијата со која договорот е раскинат, а за која имаше медиумски интерес, според МВР, не ги исполнувала обврските, и заради тоа се донела таква одлука.

Во моментов, како што велат од МВР, за поправка и одржување на возилата на Министерството се ангажирани компаниите „Коп Компани ДООЕЛ Скопје“, „Пржо Автокомплекс ДООЕЛ Битола“, „Аутомакедонија АД Скопје“ и - „Ми Да Гранд Моторс ДОО Скопје“.
При изборот на операторите била спроведена постапка за јавна набавка.
„Сервисирањето на возилата на Министерството се врши преку реализација на рамковна спогодба, склучена со повеќе економски оператори, за што претходно е спроведена постапка за јавна набавка на услуги“, нагласуваат од МВР.
Оттаму нагласуваат дека тренд на Одделот за општи и заеднички работи е постојано намалување на средствата кои се одвојуваат за поправка на возилата, и сумата е значително намалена во однос на претходните години,односно од година во година се повеќе се намалуваат средствата кои се одвојуваат за поправка на возилата.
„Во изминатиов период Министерството спроведе повеке набавки на резервни делови за различни видови на марки на возила застапени во возниот парк на МВР, кои ќе бидат вградени во возилата од страна на наши вработени механичари во Одделението за возен парк и механичарска работилница. Освен ова, МВР спроведе и постапки на набавка на механичарски алат потребен за во механичарската работилница. Направена е заштеда во однос на поправките на возилата на Министерството во овластени сервиси. На пример, Министерството за внатрешни работи за поправка на возила во 2016 година има потрошено 88.657.954,00 денари со вклучен ДДВ“, потенцираат од МВР.
Додаваат дека во моментов се прави анализа, со цел да се расходуваат возилата со најголема старост, и да се оди на набавка на нови возила.

А МВР прима и бројни донации во возила од Европската унија, но и од европските држави, меѓу кои и Германија. Станува збор за теренски возила, потоа наменети за граничната полиција, како и бројни комбиња за специјалните единици.
Пред околу дваесетина дена, заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, од заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф, прими дел од донацијата од Договорот меѓу МВР и Сојузното министерство за внатрешни работи на Германија, потпишан на 10 октомври годинава.
Тогаш МВР прими осум возила „дачиа дастер“, во вкупна вредност од 129.200 евра, со што вкупната вредност на донирани средства досега изнесува 1, 08 милиони евра, нагласија тогаш од Министерството.
Н.Н.Ф.
