„Имаме јасен индикатор за слабости во буџетското планирање“: Битиќи со остра критика 'новогодишен подарок врз животниот стандард'
Остра критика пристигна од поранешниот заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи за најновите одлуки за задолжување на нашата земја.
Тој вчера преку социјалните мрежи објави дека „новогодишната честитка од властите до народот се каматите“.
- Новогодишен подарок за граѓаните - камати!
Денес е 30 декември, ден кога ги броиме последните часови до Нова година, а Владата очигледно ги брои последните денови за уште едно задолжување. Според последно достапните податоци, вчера, буџетските приходи беа на ниво на реализација од 91,1% ( 332,388 милијарди денари ) и за утре, 31.12.2025, да стигнеме до 100% фалат уште 32,47 милијарди денари, односно околу 528 милиони евра.
Имаме кристално јасен индикатор за слабости во буџетското планирање и, уште поважно, имаме сигнал дека на крајот од годината државата ја затвора сметката со притисок што ќе се префрли како новогодишен подарок врз животниот стандард на граѓаните.
Кога планот за приходи не се исполнува, тогаш се позајмува и буџетската слика станува уште појасна. Вчера беше планирана аукција на државни обврзници од 4,4 милијарди денари, а денес истата се реализира во висина од 6,100,550,000 денари (100 милиони евра) - 1,700,550,000 денари (27,6 милиони евра) повеќе од тоа што беше вчера планирано.
И ова не е изолиран потег, туку целогодишен образец, односно ако оваа акција е симптом тогаш годишната сума е економска дијагноза. Во оваа година Владата на домашен пазар се задолжи 40,683,070,000 денари (околу 661,5 милиони евра).
Овој новогодишен подарок за граѓаните носи порака дека кога буџетскиот план не се исполнува, тогаш се купува време со задолжување, но времето не е бесплатно, тоа се плаќа со камати, со намалени инвестиции, со поскап живот и со иднина во која следната генерација финансиски ќе ја сервисира денешната буџетска стабилност - напиша Битиќи.
Фото: Принтскрин/Фејсбук
Слично
