ИМАМ ЗАЛИХИ ЗА НЕКОЛКУ МЕСЕЦИ, НО МОЖЕ ДА ИЗГОРЕМЕ ЗАЕДНО СО НИВ: За последиците од паничниот страв од војна-психијатрот Исјановски за Фактор
Испразнети
рафотви на полиците во маркетите...се купува масло за јадење на големо, брашно,
тестенини, шеќер...Колони возила да се наполни гориво во автомобилите, но и да
се остави мала резерва во канистри од по 10 литри. Паничниот страв отиде
предалеку посебно со ограбувањето на градинката во Велес пред неколку дена од
каде што се украдени прехрамбените продукти за дечињата. Стравот од војната во
Украина, но и зголемувањето на цените, односно економската криза која неминовно
доаѓа од актуелната состојба во светот ги држат граѓаните во паника подолго
време. Иста слика имаше на почетокот на пандемијата на корона вирусот, редици
пред продавниците, но тогаш главно недостасуваше тоалетна. На социјалните мрежи
граѓаните дебатираат дали е потребно да се прават вакви залихи, а нивните
коментари одат дотаму, ако се случи трета светска војна, народот ќе нема време
да искористи ништо од направените резерви...
- Само ќе изгореме во присуство на залихите.Ништо друго нема да постигниме.
-Еве и да има потреба, колку залиха ќе направиш? За 2 недели, месец? И после што? Така беше и за короната, купувавме на големо и пак ќе снемаш за 2-3 недели, што си направил? Само ќе се претрупаш дома со храна. Мислам дека е паника за џабе.
Ова се дел од размислувањата на граѓаните на некои од страниците каде се пишуваат блогови на тема-ВОЈНА.
За истата оваа тема, Фактор поразговара со проф. д-р Виктор Исјановски, актуелниот директор на Здравствен дом Скопје, специјалист психијатар. Тој вели дека без разлика дали од природни сили, како резултат на технолошките несреќи или како резултат на човечките намерни активности врз други луѓе, масовните разорувања создаваат атмосфера на хаос која ги принудува индивидуите да се соочат со опасност од неочекувана повреда, загуба или смрт.
-Знаењето, вештините и професионалното однесување во воената психијатрија и психијатријата во катастрофи се тесно поврзани. Во војната, тероризмот, психолошката повреда мора да биде третирана во одреден временски период, мора да биде обезбедена грижа за менталното здравје, не само во болниците туку и на местата на хаосот. Негата во вакви средини е од суштинско значење за психијатрите. Стресорите предизвикани од воената состојба може да се појават за кусо време, но почесто траат со месеци или години. Трауматичен стресен одговор кај населението и кај индивидуите се емоционалните и бихејвиорални одговори по катастрофи кои се појавуваат во четири фази. Во првата фаза, веднаш по акутниот настан се состои од јаки емоции вклучувајки чувство на неверување, повлекување, страв и конфузијата. Ова се нормални реакции и емотивни одговори на невообичаен настан. Втората фаза обично трае од неколку недели до месеци и е често придружена со појава на помош од надворешни заедници и организации со напори за адаптација во новата средина. Во оваа фаза се појавуваат интрузивни симптоми (сеќавања на напад, експлозијам оган, рушење на имот: во форма на флеш-бекови, кошмари, хипер будност. Соматските симптоми, како умор, вртоглавица, главоболки, гадење, лутина, раздразливост се очекувани во оваа фаза. Разочарувањето и огорченоста ги гледаме во третата фаза каде што надежта за помош и воспоставување на емоционална и физичка состојба пред катастрофата, се уште не се реализирани. Последната фаза е фаза на реконструкција и може да трае со години. Преживеаните се обидуваат повторно да ги изградат своите животи, социјални и професионални идентитети. Се трудат да воспостават нови социјални врски и емоционален систем за поддршка, посочува проф. д-р Исјановски.
Истовремено нагласува дека во голем дел, воената психијатрија во катастрофите се фокусира на невробихејбиоралните одговори на емоционалните стресни настани, а посттрауматското растројство и други анксиозни и депресивни растројства, и физички синдроми како реакција на одреден стресор, се почесто дијагностицирани помеѓу жените отколку кај мажите.Мажите, пак се под поголем ризик за посттрауматични проблеми со злоупотреба на супстанции и антисоцијално и насилно однесување.
-Лојалноста и интерперсоналната кохезија помеѓу луѓето, психијатрите и останатиот лекарски персонал овозможува заемна доверба и почит која ќе резултира во спасување, обновување, синхорнизација на индивидуалните напори кои се неопходни за успех и справување во кризни ситуации. Одговорноста за превентивните мерки и првичните препознавања и третман на психолошките последици од катастрофа се клучни кај психијатрите. Неопходно е посветувањето на внимание на оние со појаки првични презентаци и на оние кои развиваат повеќе хронични состојби и покрај превентивните интервенции. Од клучно значење се потребни добро оформени емпириски студии. Критичките испитувања покажуваат дека психотерапевскиот пристап може да биде успешен кај анксиозност и да го намалат развојот на депресија и преголема возбуденост. Како што психијатриските растројства стануваат појасно дефинирани и почесто се јавуваат и влијаат на квалитетот на секојдневниот живот на поединечни жртви, стануваат поважни други пристапи за третман и медикација. Психијатриската практика повзана со војни и катастрофи се менува со еволуцијата на научното разбирање на болестите. Воената психијатрија мора да ги предвиди овие промени и да се осигура дека актуелните обучени лица се подготвени да пружат нега во изменети околности. Без оглед на причината, катастрофите и воените операции зад себе оставаат популација која поминува низ психолошки проблеми. Затоа, здравствените работници за ментално здравје мора да постават баланс, да ги охрабруваат луѓето да побараат помош, заклучува проф. д-р Исјановски во нашиот разговор.
Анита Буховски
