Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИМАМ СЛОБОДНИ МЕСТА ЗА СКОПЈЕ: Kaко функционира превозот договорен преку групи на социјалните мрежи?

ИМАМ СЛОБОДНИ МЕСТА ЗА СКОПЈЕ: Kaко функционира превозот договорен преку групи на социјалните мрежи?

Секој ден е различно, вели битолчанец кој превезува патници од Битола до главниот град.

Такси возачи, но и луѓе кои често патуваат до соседните градови или до Скопје, преку групи на социјалните мрежи бараат патници. На првите тоа им е извор на приходи за живот, а другите се трудат да си ги покријат трошоците за патување. Често се случува, такси возачите да собираат патници од повеќе градови на пат кон Скопје. Во некои од групите на социјалните мрежи, дневно има и по двaесетина објави. Дел бараат, а дел нудат превоз. Преку социјалните мрежи, луѓето се договараат и за транспорт до соседните земји, односно патување до Белград, Софија, Солун. И во екот на туристичката сезона на ист начин луѓето си бараат превоз до Охрид, Струга или Дојран.

„Во понеделник има повеќе патници, студентите се враќаат во Скопје. Кога нема друга работа, ќе возиме такси“, вели Зоран Јовевски од источна Македонија.

Неготинчанец кој работи во Скопје, вели дека на заминување кон дома за викенди се труди да собере патници.

„Тешко оди, слабо има патници, затоа што луѓето си патуваат со сопствени автомобили. Јас се обидувам да најдам сопатници, за да ги покријам патарините“, додава неготинчанецот.

Луѓето кои бараат превоз во групите на социјалните мрежи, велат дека овој тип на транспорт има свои предности.

„Од дома ме земаат и дома ме враќаат за истите пари и не морам да одам до автобуската. Имам пријатели, неколку луѓе се тоа, не се таксисти, туку патуваат во Скопје поради работа или некоја друга потреба и со нив одам. Автобусите порано ги имаше почесто, сега се проретчени. Има луѓе кои одат на терапии во други градови и мораат да се снаоѓаат за превоз. Многу народ се исели, а оние кои останаа тука, имаат помали можности“, вели Нада К. пензионерка од источниот дел на Македонија.

Но, и такси превозниците и патниците велат дека од перидот на пандемијата се намалија автобуските линии кон главниот град. Поголемите градови имаат подобри сообраќајни врски со Скопје, но тоа не е случај со помалите места. Ако за кумановци, велешани, тетовчани е лесно со автобус да стигнат до Скопје или да си заминат назад, тоа не е случај со беровчани, пехчевци, жителите на Демир Хисар, Крушево и други мали градови. Актуелно е и тоа што на релација Скопје – Битола дневно ќе има по еден воз. Нема воз за Куманово, ниту до Кочани и Кичево.

Сања Атанасовска

foto freepik.com

Слично

Поврзани вести