ИМАЛО ПРИЈАВИ ЗА АГИТИРАЊЕ: ДКСК проследи повеќе изборни пријави до ЈО
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница информираше дека постапувале по повеќе пријави поврзани со изборниот процес, од кои дел се проследени до надлежни институции, а некои се затворени поради утврдено непостоење на прекршувања.
Една од пријавите се однесува на директорка на средно училиште, која во електронска комуникациска група споделила содржина креирана од политичка партија и изборен плакат, со молба за поддршка на кандидат преку споделување на објавата. ДКСК утврдила дека надлежен орган за понатамошно постапување е Јавното обвинителство.
Во друг случај, пријавен е избор на професор за проректор на универзитет, за кој ДКСК утврдила дека не се прекршени законски одредби во изборниот процес, бидејќи избраното лице веќе имало работен однос во моментот на донесување на одлуката, што не се смета за започнување на нова постапка за вработување.
Имало пријава за одговорно лице на средно училиште кое донело одлука за вработување за која ДКСК утврдила дека е во рамките на дозволениот период, поради што не се утврдени прекршувања.
Во однос на пријава за наводна изјава на кандидат за градоначалник, кој ветувал парични средства во готово за ранливи категории и пензионери, ДКСК утврдила дека се работи за изјава на кандидатот за дел од програма и промоција на активности кои би се реализирале во текот на мандатот, и не се работи за директно прекршување на изборниот процес.
