ИМАЛЕ КОНСТРУКТИВЕН РАЗГОВОР: Што договорија Мицкоски и Филипче?
Според лидерот на СДСМ, Венко Филипче состанокот со премиерот Христијан Мицкоски кој се одржа денеска во Владата, бил добар и конструктивен. Филипче изјави дека се договориле со Мицкоски да формираат работни групи.
„Договоривме да работиме на начинот, да форимираме тела и работни групи за спроведување на реформската агенда. Значи првичните закони во делот на правосудството, понатаму енергетиката и некои работи околу стратешките движења во здравството. Ова е првичен состанок, да видме каква ќе биде методологијата“, рече Филипче.
Тој објасни дека немаат договорено следна средба, но дека ќе делегира стручни лица од енергетиката и правосудството.
„Разговаравме за евроинтеграциите, имаме различни позиции, за ова дополнително ќе разговараме“, посочи Филипче.
Претседателот на СДСМ вели дека следен логичен чекор е лидерска средба.
„Мислам дека со тоа што покажуваме свест, разум и слух за барањата на граѓаните и се обидуваме да воспоставиме нов модел на соработка во интерес на барањата на граѓаните, прво преку реформската агенда, сметам дека е добар позитивен сигнал“, додаде Филипче.
Мицкоски на социјалните мрежи кусо напиша дека се разговара за актуелните случувања и дека одговорност, мудрост и чесност ѝ се повеќе од потребни на Македонија.
Откако на 16 март се случи пожарот во Кочани во дискотеката Пулс каде загинаа 59 луѓе, Филипче повика на лидерска средба.
фото Фејсбук/Христијан Мицкоски
