ИМААТ СЕРИОЗНИ ЗАБЕЛЕШКИ: Левица и СДСМ бараат разрешување на Гаши
Левица и СДСМ бараат итно разрешување на собранискиот претседател Африм Гаши, а ВМРО-ДПМНЕ е против.
Двете партии бараат разрешување на спикерот Гаши, кој издал наредба неговото обезбедување „да ја спасува“ косовската претседателка Вјоса Османи од аеродромските служби.
СДСМ бара кривична и политичка одговорност. Го обвини министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски дека „удира по самарот“, а ВМРО-ДПМНЕ дека го штити коалицискиот партнер Гаши, „на сметка на неказнивост, самоволие и непочитување на македонските закони“.
За Левица, ова е уште една причина за интерпелација на Гаши. Првата „грешка“ на Гаши ја лоцираат во повреда на секуларноста на државата со групна молитва во Собранието, следуваат „истиснување на македонскиот јазик“, неразрешување на Талат Џафери, патување во Вашингтон со сопругата и друго. Очекуваат интерпелацијата да се најде на дневен ред во почетокот на септември, на првата седница по летната пауза.
Од кабинетот на косовската претседателка Вјоса Османи рекоа дека е за жалење како бил решен инцидентот на скопскиот аеродром.По инцидентот на аеродромот, началникот на Одделението за лично обезбедување на Гаши доби кривична пријава и е суспендиран.
