ИМААТ ПЛАНОВИ ЗА ВРАЌАЊЕ НА ЖИВОТОТ ВО ГРАДОТ: Од „Support Kocani“ ги презентираа идеите на Сиљановска-Давкова
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова прими претставници на неформалната група на млади „Support Kocani“.
Младите од Кочани презентираа бројни идеи, планови и проекти за враќање на животот во нивниот роден град и запирање на иселувањето како: отворање дисперзирани студии по информатика, екипирање и опремување на противпожарната служба, реновирање на болницата и кадровско дополнување, отворање на младински центар, во којшто, покрај индивидуални и групни терапии во функција на психолошка поддршка, би се организирале бројни работилници на важни теми за младите и многу други. Веруваат дека младите преку дружење и заеднички активности побрзо и полесно ќе ја надминат траумата од пожарот кој се случи на 16 март годинава.
„Мора заедно да се избориме и да ја пребродиме оваа колективна и национална загуба, а верувам дека закрепнувањето ќе биде полесно ако сме заедно, оти нема човек што не е засегнат од трагедијата“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа изрази поддршка за досегашните активности на Support Kocani, како и подготвеност за покровителство и соучество во проекти, мерки и акции од значење за градот. Исто така, го потврди ветувањето за доделување одликувања и признанија на најзаслужните и најпосветените во кочанската нерамноправна битка меѓу животот и смртта, како непресушен извор и инспирација на храброст и хуманизам.
„Кочани не смее да остане симбол на смрт и болка, туку тагата треба да ја трансформираме во херојска борба за ново Кочани“, рече таа.
Во пожарот загинаа 62 луѓе, а повредени беа скоро 200 луѓе.
