Има сериозна опасност да се повтори грчката приказна: Денко Малески за Фактор
Постои сериозна опасност да ни се повтори грчката приказна, вели професорот Денко Малески, прв министер за надворешни работи на Македонија за Фактор. Со Малески разговараме откако Бугарија уште еднаш стави блокада на усвојувањето на преговарачката рамка за отпочнување на преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ на Советот за општи работи на Унијата што се одржа вчера во Луксембург. За Скопје сепак уште една теоретска можност за старт на преговорите во јуни е Самитот на лидерите на ЕУ во четврток и петок. Но Малески не е голем оптимист. Бара Владата да се актвира интензивно и да ги надмине сите недоразбирања со Бугарија во либерален наратив.
„Македонскиот политички фактор сериозно да се зафати со решавање на овој проблем. Да погледне кои се тие фалинки во нашето поведение. Зборуваме за долг период, времето на Студената војна, Втората светска војна... Значи да видиме што и пречи на другата страна, тие да видат што нам ни пречи и во сериозен однос да се најде решение. Националистичките наративи тешко дека ќе се сретнат на средина. Нивниот дека не постои нов македонски национален идентитет и македонски јазикот, и нашиот дека не сме имале ништо со бугарската историја. Секако има луѓе кои се во состојба да ги надминат работите реално. Ние ги знаеме бугарските барања и активно да се зафатиме со решавање, вели Малески.
На прашањето зошто во 27 години колку што трае спорот со Грција, не стана јасно дека Бугарија со вето ќе ги решава овие проблеми, Малески вели дека Грција требаше да ни е научена лекција и за ова да сме поподготвени.
„Сојузи како Европската Унија или НАТО се формираат да ги заштитат интересите на сите членки и им даваат механизам да се бранат, односно имаат право на вето. Затоа политиката да изгради став, да биде поотверна и да го решава проблемот поактивно и проактивно. Сигурен сум дека на крај ќе влеземе во ЕУ ама за времето кога тоа ќе се случи не сум, вели Малески.
А.Т.
