ИМА НЕДВИЖЕН ИМОТ НА СВОЕ ИМЕ, ДОСЕГА Е НЕОСУДУВАН... - од Врховен суд ги изнесоа причините зошто не треба затворски притвор за таткото на Вања
Немало потреба од затворски притвор за Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, бидејќи обезбедувањето на неговото присуство може да се постигне и со примена на поблага мерка, а и законот налага траењето на притворот да биде сведен на најкратко нужно време. Ова се причините поради кои Врховниот суд ја уважи жалбата на Ѓорчевски и му определи домашен притвор, јави телевизија Телма.
„Ваквата одлука Врховниот суд на Република Северна Македонија ја донесе имајки ги предвид и личните прилики на осомничениот кој што е со познат и утврден идентитет, со постојано и познато место на живеење, поседува недвижен имот на свое име, досега е неосудуван и против него не се води постапка за друго кривично дело, а особено околноста што определените мерки за обезбедување на присуство на обвинетиот се похумани од претходно определената мерка притвор и со нив ќе бидат постигнати истите цели и ефекти како и со мерката притвор,“, соопштиле од Врховен суд.
Ѓорчевски од декември беше во притвор во Шутка, бидејќи е осомничен дека помагал при грабнувањето на неговата ќерка. Врховниот суд во својата одлука наведува и дека оправдана била одлука на Апелација дека Ѓорчевски може да се даде во бегство и дека тој може да ја попречува истрагата и да го повтори кривичното дело и затоа му е изречен домашен притвор. Највисокиот суд му определи и мерки на претпазливост на Ѓорчевски, односно забрана за издавање на нов пасош и преминување на границата со лична карта.
