ИМА НЕДОСТИГ НА СУДИИ ВО КОЧАНИ: Судијка од Велес ќе им помогне
Делегирањето на судијка од Велес ќе ја ублажи состојбата со недостиг на судии во Кочани. Судијата Емине Калач од Основен суд Велес времено се упатува во Основен суд Кочани за период од два месеци.
„Ситуацијата со недостиг на судии во Кочани нема да се реши, а со одлуката за делегирање на еден судија ќе се ублажи состојбата“, изјави претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски.
Објасни дека се работи за вонредни околности кои се наметнале по кочанската трагедија.
„Сметаме дека со овој еден судија барем во овој период додека ние направиме целосна анализа за сите судии во државава, донекаде ќе успее да помогне на колегите коишто работат таму. Сакам да искажам пофални зборови не само за судиите, туку на сите служби и стручни соработници, советници кои што работеа во тој суд, записничари, стварно покажаа едно високо ниво на свесност за ситуацијата во Кочани“, вели Камбовски.
Семејствата на 62-та загинати бараат правда. Во дискотеката Пулс во Кочани на 16 март годинава имаше пожар каде загинаа 62 млади луѓе, а бројот на повредени беше околу 200. Повеќе обвинители работат на предметот.
