Има ли шанси Македонија да се повлече од „Отворен Балкан“ ако ВМРО ДПМНЕ дојде на власт: Еве што вели Димитров
Три месеци откако политичките лидери на Србија, Албанија и Македонија се договорија за проектот „Отворен Балкан“ и потпишаа три договори кои го олеснуваат увозот, извозот, движењето на стоки и слободниот пристап до пазарот, реалноста ги отрезни, па за време на вчерашните разговори со претставници компании од три земји слушнале дека извозниците на сурово млеко чекаат од петок навечер до понеделник наутро за да ја поминат границата на Северна Македонија, или пак оние кои увезуваат овошје мора да чекаат на српската граница, иако се е детално договорено.
Фрустрирани од ова сознание, бидејќи она што беше договорено на политичко ниво не беше спроведено во реалноста, премиерот на Албанија Еди Рама, вицепремиерот на Македонија Никола Димитров и домаќинот на средбите „Отворен Балкан“ во Белград, српскиoт претседателот Александар Вучиќ се согласија да формираат совет за имплементација на терен.
Во следните седум до 10 дена ќе се организираат состаноци на царините на трите земји, различни агенции и фотосанитарни инспекции, за да се надминат тешкотиите.
На прес-конференцијата на тројцата лидери не беа избегнати политичките прашања, што укажуваше дека ЕУ има сомнежи за овој проект, но и другите земји од регионот кои иако беа поканети, не се приклучија - Црна Гора, БиХ и Косово.
Тројцата функционери изјавија дека ОБ не е резервна опција за нивно влез во ЕУ.
Вучиќ рече дека ОБ не е направен поради тројца лидери, туку луѓе од три држави.
- Се бориме за поголема стапка на раст и побрз развој. Ова е приказна за граѓаните, бизнис кој мора да се развива, а не за политичарите. Вратите се отворени за Приштина, Сараево и Подгорица. Не ми паѓа на памет некому да се правдам. Ниту ЕУ, ниту некој во регионот, за некој да не ни стави минус во дневник или да даде лоша оценка. Сите добија толку чиста понуда. Ако не сакаат, не мораат. Никој не ги тера со сила – рече Вучиќ.
Тој изјави дека со премиерот на Црна Гора разговарале за приклучување на Црна Гора во заедничката борба против природните катастрофи.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, значењето на формирањето на ОБ, кое, како што наведе, не е замена за ЕУ, го сведе на една јасна реченица: „Не можеме да чекаме уште десет години лимоните и лубениците слободно да патуваат. .
Според него, постои заеднички став кон ЕУ.
- Ја разбираме ситуацијата во ЕУ, но тие ги блокираат Албанија и Македонија во пристапниот процес. Истакнавме дека не се откажуваме да ги градиме нашите земји според стандардите на ЕУ. Ова е единица за имплементација на проекти од Берлинскиот процес (заеднички регионален пазар) на забрзан начин. За разлика од Берлинскиот процес, ниту една земја не може да стане заложник. Секоја земја што сака да се движи побрзо може да го стори тоа без согласност од други. Им повторивме на сите кои не разбираат или не сакаат да разберат дека ОБ е отворена и им припаѓа на сите – изјави Рама.
Тој додаде дека причините што ги имаат Црна Гора, БиХ и Косово за неприклучување кон ОБ не се причини и оти е убеден дека за сите би било подобро и полесно сите шест земји да бидат дел од ОБ.
Според него, Црна Гора го чека влезот во ЕУ следната година.
- Ајде да видиме. Секогаш кога ќе влезат, сигурни сме дека ќе го поддржат ОБ. На декемврискиот самит следната година ќе ги поканиме да ни кажат како толку брзо влегле во ЕУ или да се приклучат на ОБ – изјави Рама.
Вицепремиерот на Македонија, Никола Димитров, кој наместо премиерот во оставка Зоран Заев е во Белград, изјави дека Македонија и покрај политичката криза не се осмелила да си дозволи да не присуствува на оваа средба.
-Единствената одржлива и долгорочна визија за стабилен и победнички Балкан е онаму каде што границите се од помало значење или немаат никакво значење. Од гледна точка на земјите-членки на ЕУ, колку подобро соработуваме, толку подобро можеме да ги убедиме дека нема да увезуваме проблеми. На средбата кон крајот на декември во Тирана сакаме да објавиме победи над проблемите. Ова не е алтернатива на ЕУ, туку за целите на европската интеграција. Во услови на разнишана европска идеја мора да дејствуваме и да вложиме напори, а тоа ќе не направи поубедливи во очите на ЕУ - изјави Димитров.
Тројцата лидери разговарале и со претставниците на американската невладина организација Атлантик совет, при што се договориле за помош во спроведувањето на договорот. На новинарско прашање дали постои можност доколку опозицијата дојде на власт, Македонија да се повлече од ОБ, бидејќи опозициската ВМРО - ДПМНЕ се противи на оваа иницијатива, Димитров рече дека повеќето македонски граѓани сакаат да се оди напред, што значи добрососедски односи и регионална соработка.
- Не го гледам ризикот на повидок. За Македонија е важно да остане во оваа иницијатива - заклучи Димитров.
Заедничка вечера
Во средата вечерта, Александар Вучиќ на Инстаграм објави видео на кое се гледаат премиерите на Црна Гора и Албанија, Здравко Кривокапиќ и Еди Рама, пред највисоката зграда во станбено-деловниот комплекс „Белград на вода“, а потоа и фотографија од заедничка вечера.
