ИМА ЛИ НЕШТО ШТО СИТЕ ПРОПУШТАМЕ - од младата Марија цела година нема трага, Обвинителството продолжува да истражува
Точно една година откако исчезна младата Марија Брзакова од струмичкото село Босилово, а од надлежните органи нема ништо ново за тоа што се случило со оваа млада жена.
По неа потрагата трае веќе една година, откако исчезна лани точно на 18 јануари, во утринските часови.
Како што е познато, за неа случајот го презеде струмичкото обвинителство, кое отвори предистражна постапка. Таа не откри нови детали, а надлежните велат дека нема да се затвори додека или не се пронајде девојката, или не се дознае што се случило со неа.
Инаку, од Обвинителството нагласија дека тие разгледуваат повеќе варијанти за оој случај, од тоа дека оваа несреќна жена е навистина на друго место, па до можност од самоповредување или одземање на сопствениот живот, но и насилна смрт.
Оттаму рекоа и дека биле разгледани снимки од камери во селото Босилово и неколку патни правци околу селото. Потврдено е дека Брзакова не ја напуштила државата, бидејќи не е регистрирана на ниту еден официјален граничен премин дека излегла. Земени се изјави од најблиските, а проверени се и нивните телефони, но и од таму нема информации за нејзиното исчезнување.
Како што веќе пишувавме, во изминатиов период се проширија бројни шпекулации за Марија, што е и логично за еден вака мистериозен случај.
Фактор пред неколку месеци се интересираше во струмичкото јавно обвинителство до каде е истрагата. Она што беше интересно што оттаму го открија е дека се испитувала евентуална кривична одговорност кај нејзини блиски во семејството. Од она што досега се искристализирало, Марија сигурно не ја напуштила земјава, рекоа тогаш од обвинителството.
„Во врска со исчезнувањето на лицето за кое покажувате интерес, Основното јавно обвинителство Струмица оформи предмет и во рамките на предистражна постапка презеде повеќе дејствија - прибавени се видео снимки од безбедносните камери на повеќе приватни и деловни објекти во Босилово, испитани се семејството, роднините, повеќе граѓани кои имале контакти со семејството на исчезнатата, како и лица за кои надлежниот обвинител сметаше дека би можеле да имаат сознанија за настанот. Дополнително, во насока на испитување на евентуална кривична одговорност, беше извршен претрес во домот на исчезнатото лице и беа издадени наредби за вештачење на мобилни телефони во сопственост на исчезнатата и на нејзини блиски лица. Од страна на правосудната полиција, во соработка со ловни друштва и граѓани беше организирана потрага по исчезнатата, но таа потрага не даде резултати“, изјавија за Фактор од струмичкото јавно обвинителство.
Во меѓувреме, Марија се бараше и преку социјалните мрежи, за што беа објавувани и нејзини фотографии.
Уште на стартот на истрагата Министерството за внатрешни работи ја стави Марија Брзакова на списокот на исчезнати лица. Објавена беше и нејзина фотографија која требаше да им помогне на граѓаните, доколку го лоцираат лицето, сите информации што ги имаат за него, или да ги достават до најблиската полициска станица, или да се јават на дежурниот број на МВР.
На социјалните мрежи своевремено се ширеа и информации дека Марија кога исчезнала била во вториот месец од бременоста, како и дека имала извесни семејни проблеми.
