ЗАЕВ ОПТИМИСТ: Вели дека е верник и дека некогаш чуда се случуваат
Негувам надеж дека утре парламентот ќе собере сили, дека пратениците ќе се одважат и охрабрат, затоа што, пред сѐ, се претставници на граѓаните, а потоа на политичките партии и ќе се исправат пред историската одговорност, пред оваа непропустлива шанса за Македонија, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
Тој рече дека е верник и дека некогаш чуда се случуваат.
Вели дека заедно со премиерот Алексис Ципрас остануваат целосно посветени на перспективите на новиот Балкан на 21 век.
„Балкан во кој ќе се гради пријателство, во кој ќе се унапредува соработката, каде што ќе придонесуваме за подобар економски раст и раст на нашите земји, на посреќни граѓани и секако на зголемена трговија, нови инвестиции и подобар економски стандард на граѓаните и на Македонија и на Грција“, рече Заев/
Објасни дека потоа ќе следува нацрт на уставните амандмани, по кои ќе се дискутира, ќе се одобрат, па ќе има јавна дебата и на крајот е гласањето за самите уставни амандмани. Побара да му се даде живот на овој процес, затоа што како што рече премиерот Заев, тоа е единствената гаранција за подобри перспективи на сите граѓани, исполнување на нашите стратешки цели-ЕУ и НАТО и секако е шанса која не смее да се препушти.
„Ќе се изнедри енергија, ќе се собере храброст, ќе се сплоти одговорност за да се добие минимум двотретинско мнозинство и да се даде пас на отпочнување на постапката за уставни промени“, вели Заев.
Тој нагласи дека во прашање е европската перспектива на Македонија.