Има ли детали за убиениот македонски државјанин во Кабул?
Триесет и седумгодишен Македонец, кој работел како готвач во Кабул е меѓу тројцата странци кои утрово се киднапирани и убиени во Авганистан. Покрај македонскиот државјанин, убиени се и 39-годишен Индиец и 64 -годишен Малезиец кои работеле за француската компанија ,,Содексо”, пишуваат светските медиуми. Според полицијата, се работи за терористички чин.
Според досегашните информации, тројцата се киднапирани од нивниот автомобил на пат кон аеродромот. Нивните тела се пронајдени во областа Мусаи. Ниту една група досега не ја презема одговорноста за убиствата.
Според Бахар Мех, официјален претставник во Министерството за внатрешни работи, тројцата излегле од нивниот службен автомобил и влегле во приватно возило, по нивна волја. Тоа според него, укажува дека некој што го знаеле помогнал да се испланира нивното киднапирање. Еден час подоцна, се пронајдени нивните тела. Полицијата го истражува случајот.
До нивните тела се пронајдени документи за идентификација.
Друг портпарол на министерството вели дека возачот на автомобилот е испрашуван во полиција и се третира како можен осомничен.Министерството за надворешни работи соопшти дека испратило барање за официјална информација до авганистанските институции во врска со веста дека македонски државјанин е киднапиран и убиен на територија на Авганистан.
По добивање на официјална информација од авганистанските власти, согласно законските процедури, МНР ќе го извести Министерството за внатрешни работи.
