ИМА ЛИ „ЧАД“ ОКОЛУ БАНКАТА, ИЛИ СЕ САМО СИТНИ АКЦИОНЕРСКИ ПРЕГРУПИРАЊА - се продаде нов блок на Стопанска Битола за 78 илјади евра
Вчера се продала нова количина акции на Стопанска банка Битола, преку блок трансакција на Македонската берза за долгорочни хартии од вредност.
Според податоците од Берзата, продадена е количина од 1.366 акции, по цена од 3.500 денари за акција, така штои вкупната сума на зделката е 78 илјади евра.
Оваа количина акции, која изнесува 0,35 отсто од вкупниот акционерски капитал на банката, е многу помала количина и акционерски пакет во споредба со оној кој се продаде минатата недела, и кој тежеше 4,99 отсто од акциите со право на глас во банката, а за кој беа платени нешто повеќе од еден милион евра.
Инаку, на редовниот пазар расте цената на акциите на Стопанска банка Битола, и вчера таа достигна безмалку 3.565 денари за акција, иако беше истргувана мала количина од 31 акција. Во последниов период постојано расте цената на акциите на редовбниот берзански пазар.
Што се случува и кој купува, а кој продава акции, засега не е познато. Како официјална останува објавата која ја дадоа во јавнпоста Пелистерка и Тимох, кои заедно поседуваат 21,85 отсто од акциите, и кои соопштија дека за секоја трансакција на над 5 отсто од акциите на банката, дозвола треба да даде Народна банка на Македонија. Односно тие тогаш апелираа до акционерите да не наседнуваат на шпекулации дека банката ќе се продава.
А, минатата недела преку блок поминаа 4,99 отсто од акциите на Стопанска банка Битола за сума од над еден милион евра. Централниот депозитар за хартии од вредност секој прв ден од работната недела ги објавува ревидираните состојби на сопственичката структура на компаниите, а според најновата, Стопанска банка Битола повторно има само еден сопственик со акционерски капитал над 5 отсто, а тоа е компанијата „Пелистерка“, со 16,99 отсто. Тоа значи дека оној што ги купил 4,99 отсто од акциите е нов акционер во банката, бидејќи доколку имал и сосема мала количина акции, ќе надминеше 5 отсто и ќе се појавеше во акционерската структура на ЦДХВ.
Н.Н.Ф.
