Има ли Бугарија пари да ја организира Евровизија и дали тоа ќе ѝ се исплати?
Првпат во историјата Бугарија победи на Евровизија. Еуфоријата е огромна, социјалните мрежи се преплавени со пораки на гордост, а на улиците во Софија веќе се слушаат сирени од автомобили. Бугарската претставничка Дара ја однесе победата со песната „Bangaranga“ и предизвика вистински „бум“ низ Европа.
Нејзината победа значи само едно – следната година, во 2027, Бугарија ќе биде домаќин на Евровизија. Но, додека Дара го крева тешкиот стаклен трофеј под дожд од конфети, бугарските медиуми веќе го отвораат прашањето: има ли земјата капацитет и финансиска можност да го организира натпреварот? Дали Евровизија е скапо задоволство и дали навистина се исплати?
Искуствата на претходните победници
За да се разбере со што се соочува Бугарија, треба да се погледне наназад. Кога Шведска победи на Евровизија во 2015 година, реакцијата дома беше повеќе воздржана отколку еуфорична. Причината беше едноставна – скандинавската земја сè уште ги отплаќаше трошоците за организацијата на натпреварот од само две години претходно.
Овој детал често се заборава во еуфоријата по победата, но токму тој го отвора клучното прашање: колку навистина чини домаќинството на Евровизија?
Според анализа на Oxford Economics од 2024 година, одговорот не е едноставен. Организацијата на Евровизија е скапа, но економската слика е многу посложена отколку што изгледа на прв поглед, пишуваат бугарските медиуми.
Кој ја плаќа сметката?
Особеноста на евровизискиот модел е тоа што домаќинот не се избира со години однапред, туку победникот практично „наследува“ обврска да го организира следното издание. Софија сега има само неколку месеци да подготви настан што го следат повеќе од 180 милиони луѓе ширум светот, и тоа без директна финансиска награда за победата.
Во анализата на Џеси Смит се наведува дека финансирањето на ваков мегапроект е сложена комбинација од повеќе извори:
буџет на градот домаќин, националниот јавен сервис, продажба на билети, државни субвенции и спонзорства.
Добрата вест за бугарските даночни обврзници е што, според податоците на Oxford Economics, уделот на приватното спонзорство на глобално ниво силно расте, што значително го намалува директниот товар врз државната каса.
Кога Ливерпул во 2023 година го презеде домаќинството во име на Украина, градот го забележа најсилниот месец според бројот на хотелски ноќевања во последните пет години, и тоа по рекордни цени. Речиси 6.000 гости биле сместени во краткорочни изнајмувања, што донело свежи пари директно во локалната економија.
Анализата прави и интересно споредување: во 2013 година домаќинството на Малме во Шведска чинело 26 милиони евра, но донело 33 милиони евра приходи од туризам. Тоа значи дека трошоците биле целосно покриени, а била остварена и добивка.
„Не градиме втора Олимпијада“
Еден од најголемите стравови кај скептиците е можниот инфраструктурен притисок. Но, според анализата на Oxford Economics, Евровизија не е настан што најчесто бара изградба на нови стадиони и сали, за разлика од Олимписките игри.
Исклучок беше Баку во 2012 година, но вообичаено најголемиот дел од трошоците оди за сцена, високотехнолошка продукција, персонал, обезбедување и транспортна логистика.
Тоа се главно трошоци за работа и услуги, а таквите трошоци имаат посилен ефект врз локалната економија отколку големи капитални инвестиции во бетон и инфраструктура. Со други зборови, парите во голема мера остануваат кај луѓето и компаниите што директно го создаваат настанот.
Реклама што не може да се купи
Кога Малме првпат беше домаќин, шведската туристичка организација ја процени рекламната вредност на настанот на дури 1,1 милијарда шведски круни.
Дополнително, истражување на University of Tennessee покажало дека победата и домаќинството на Евровизија можат да ги зголемат туристичките приходи на една земја за околу 8 проценти во период од три години.
За Бугарија, ова може да биде голема можност. Најголем дел од евровизиската публика се наоѓа на краток и релативно евтин лет од Софија. Тоа е публика која лесно може да ја посети земјата откако ќе ја види претставена преку атрактивните видеа и туристички кадри што се емитуваат меѓу настапите.
Дали се исплати?
Домаќинството на Евровизија без сомнение е голем финансиски и логистички тест. Но, ако Бугарија и Софија паметно ја искористат постојната инфраструктура, како на пример „Арена Софија“, економскиот и културниот поврат може да биде поголем од првичните очекувања.
На крајот, Евровизија не е само музички натпревар. Таа е огромна туристичка реклама, силен економски поттик и форма на мека дипломатија во реално време.
Дара и нејзиниот тим ја завршија својата работа на сцената и ѝ подарија на Бугарија историска ноќ. Сега на ред се државата, бизнис-секторот и организаторите да покажат дека земјата не знае само да победува, туку и да биде добар домаќин.
Како што покажуваат анализите, понекогаш навистина се исплати секое вложено евро.
телеграф.рс