Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИМА ГОЛЕМИ РАЗЛИКИ: Со колкав фонд на книги располагаат школските библиотеки?

ИМА ГОЛЕМИ РАЗЛИКИ: Со колкав фонд на книги располагаат школските библиотеки?

Во Македонија има школски библиотеки кои располагаат со скромен фонд до 250 книги, но има и други кои се навистина снабдени и можат да се пофалат и со 10.000 книги.

Во учебната 2024/2025 година, 412 основни училишта имале библиотеки. Во 30 училишта фондот бил скромен, имале само до 250 книги. До 500 книги имале 19 основни училишта. Само 9 училишни библиотеки имале до 1.000 книги, а 37 библиотеки можат да се пофалат со книжевен фонд кој брои до 2.000 примероци, додека 33 библиотеки имале до 3.000 книги. Фонд од 3.001 до 5.000 книги имало во 49 школски библиотеки во државата.  Понатаму, податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС) покажуваат дека од 5.001 до 10.000 книги имало во 121 школска библиотека. 

Со повеќе од 10.000 книги располагале 114 oсновни училиштата. Бројот на училиштата кои имаат вакви привилегии се зголемил, ако земеме предвид дека во учебната 2017/2018 година 98 училишта имале библиотеки со над 10.000 книги.

„Училиштето има библиотека со околу 3.000 книги. Најчесто се тоа лектирни изданија, има и слободна литература, и странска литература, мал дел се книги на српско-хрватски, на англиски, албански јазик и неколку десетина имаме и на француски јазик. Училиштето набавува книги, но имаме и донации“, вели Билјана Стојановска, вработена во основното училиште „Александар Здравковски“ во селото Јегуновце.

Конкретно, училиштето во Јегуновце има 1.346 лектири, 980 примероци од стручна литература, историски 435 книги, научно-фантастични 340, авантуристички 128, љубовни 190, поезија 253, учебници 1.385, на албански јазик има 120 книги, на српско-хрватски 200, на англиски јазик 4 и на француски 34.

Школските библиотеки самите си набавуваат книги, а добиваат и донации од автори или од граѓани.

„Имаме околу 11.000 книги. Дел од книгите се многу стари, но се обновува фондот. Имаме лектири, а белетристика поретко“, вели Зоранчо Бошкоски, библиотекар во основното училиште „Рампо Левката“ во Прилеп.

Вкупната бројка на книги во школските библиотеки надминува 2.9 милиони.


Во текот на учебната 2024/2025 година, училишните библиотеки во земјава го зголемиле фондот за повеќе од 56.000 книги.

За споредба, анкетата на Европската Унија(EУ) покажува дека околу 95 отсто од училиштата што учествувале во анкетата имаат библиотечен простор, а над половина (55 отсто) од овие училишни библиотеки набавуваат нови книги најмалку еднаш годишно.

Сања Атанасовска

foto Gemini

Слично

Поврзани вести