Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИЛОН МАСК ДОНАТОР ВО „СТОБИ“? 100.000 долари донација од Американскиот институт за римска култура кој се финансира од милионерот

ИЛОН МАСК ДОНАТОР ВО „СТОБИ“? 100.000 долари донација од Американскиот институт за римска култура кој се финансира од милионерот

Археолошкиот локалитет Стоби добива значајна меѓународна поддршка за зачувување на културното наследство, со вкупни донации од 500.000 долари наменети за конзервација на Теодосијанската палата.

Дел од средствата, односно 100.000 долари, се обезбедени преку Американскиот институт за римска култура, кој се финансира и со средства поврзани со бизнисменот Илон Маск. Преостанатите 400.000 долари доаѓаат од фондацијата „Џ.М. Каплан“, чии претставници истакнале дека Стоби претставува исклучителна вредност и заслужува дополнителни инвестиции.

Донаторите денеска извршија увид во тековните активности на локалитетот, при што на средбата со министерот за култура и туризам било разговарано за продлабочување на соработката и можностите за нови вложувања.

Главната цел на проектот е финализирање на конзервацијата на Теодосијанската палата и нејзино соодветно претставување пред јавноста, како и обезбедување средства за заштита на други значајни објекти во рамки на локалитетот.

Покрај странските донации, Министерството за култура и туризам учествува во финансирањето на годишната програма на НУ Стоби со вкупно 8,6 милиони денари за проекти од областа на заштитата на културното наследство, 900.000 денари за музејски активности и дополнителни 900.000 денари за опрема на конзерваторската лабораторија.

И покрај зголемениот интерес и инвестициите, условите за посетителите и натаму претставуваат предизвик, особено во летните и пролетните месеци кога високите температури го отежнуваат разгледувањето на локалитетот.

Во таа насока, отворањето на нов центар за посетители е планирано за септември годинава. Со него се очекува да се подобри искуството на туристите, да се презентира дел од досега недостапното културно наследство и да се зголеми видливоста и поддршката за заштита на Стоби.

Фото: Википедија

Слично

Поврзани вести