Илјадниците амандмани на тест ќе ја стават „двојазичноста“
Потребата од превод на над 30 илјади амандмани кои ги поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ на вистински тест ќе ја стават „двојазичноста“, односно ќе се види за колку време ќе се обезбеди превод на албански на оваа обемна документација како што налагаат законските прописи.
Претседателот на Собранието Талат Џафери на вчерашната 32. седница ја одложи расправата по Законот за употреба на јазиците во трето читање, која беше осма точка и посочи дека расправата по оваа точка ќе продолжи откако ќе бидат исполнети условите за тоа.
– Обработката на сите амандмани, кои се на број 35.569, не се довршени. Имајќи предвид деловничката обврска да се преведат формални услови за отворање претрес по оваа точка не се исполнети. Затоа преминуваме на наредна точка, рече Џафери.
Претходно, во претпланевниот дел пратениците имаа жестока дебата околу утврдувањето на дневниот ред на седницата. Пред да го утврди дневниот ред, мнозинството не ги поддржа барањата на опозицијата законот да биде последна точка на дневниот ред, ниту пак да го повлечат од седницата.
