Илјадници нерегистрирани возила добиваат нова шанса – се продолжува рокот за легализација
Се предлагаат измени и дополнувања на Законот за возила со кои, меѓу другото, ќе се овозможи нов законски рок за легализација на одредени категории возила, како и зајакнување на механизмите за техничко одобрување и контрола на нивната исправност.
Со Законот за возила се уредуваат условите за пуштање на возилата на пазарот и нивно користење, регистрацијата и техничката исправност, како и работата на техничките служби, правните лица за технички преглед и регистрација и водењето на регистарот на податоци за возилата.
Според постојната регулатива, за да може едно возило да учествува во сообраќајот на патиштата во државата, неопходно е да биде регистрирано, а регистрацијата зависи од проверката на неговата техничка исправност.
- Имајќи во предвид дека постојат тековни предмети за постапките за утврдување на сопственички статус како и лица на кои не им е утвредена сопственоста на возилата заради не поднесување на барање за легализација на трактори, тракторски приколки и на мобилни машини, мотокултиватори, приколка за домување, како и возила од категориите О1, О2 и L. во претходно предвидените законски рокови и податоците дека дел од овие постапки се наоѓаат во фаза на жалбена постапка или во постапка пред судовите, потребно е ново законско продолжување на рокот за поднесување на барање за легализација - се посочува во предлог законот доставен во Собранието.
Во него е посочено дека со измените ќе им се даде уште една шанса на граѓаните да го утврдат сопственичкиот статус над овие возила и да ги регистрираат, со што ќе се избегне правна несигурност и ќе се затвори ова прашање кое подолг период останува нерешено во државата.
- Предложените измени имаат за цел и подобрување на системот за техничко одобрување на возилата. Во пракса се утврдени одредени недоследности при издавање потврди за исполнување на техничките барања и карактеристики на возилата, нивните системи и составни делови. Начинот на издавање на овие потврди од страна на застапници или претставници на независни институции не обезбедува доволно јасни и унифицирани стандарди, ниту ефективна контрола, што создава ризик од вклучување во сообраќај на возила кои не ги исполнуваат целосно пропишаните услови - се појаснува во законското решение.
Со законските измени се предвидува уредување на статусот на овластените застапници и независни институции, со што се очекува поефикасна постапка за одобрување на возилата. Ова се однесува особено на постапките за единечно одобрување на возила за кои типот не е одобрен според хармонизираните прописи на Европската Унија или во Македонија, како и за преправени и поправени возила.
Дополнително, се очекува поголема транспарентност во постапките за одобрување и следење на техничките барања, што претставува важен чекор во процесот на усогласување со европските стандарди. Примената на одредбите од Спогодбата од 1958 година за униформни технички прописи за возилата ќе придонесе за зголемување на безбедноста и квалитетот во транспортниот сектор.
Со предложените измени на Законот за возила се очекува да се подобри безбедноста во сообраќајот, да се воспостават појасни и построги процедури за техничко одобрување и да се овозможи граѓаните во дополнителен рок да ги легализираат и регистрираат своите трактори, приколки, мобилни машини, мотокултиватори и други возила од наведените категории, со што тие ќе можат законски и безбедно да се користат на патиштата.
П.О.
