Илјадници граѓани побарале помош, ЦУК објави точна бројка
Центарот за управување со кризи (ЦУК) добил повеќе од 12.000 повици за помош откако силно невреме вчера го зафати Скопје и предизвика голема материјална штета.
Директорот на ЦУК, Мухамед Али, изјави дека секоја пријава е проследена до надлежна институција, а телефоните продолжиле да ѕвонат и следниот ден, додека екипите работеле на расчистување на последиците.
Според претходното соопштение на ЦУК, само преку единствениот број за итни случаи 112, по 17 часот биле примени повеќе од 9.000 повици. Најголем дел од пријавите се однесувале на паднати дрвја, оштетени возила и покриви, скинати електрични кабли, паднати бандери и блокирани улици.
Али информира дека итните служби, комуналните претпријатија и екипите на „Паркови и зеленило“ биле постојано на терен. Интервенции имало во речиси сите скопски општини, а расчистувањето продолжило и во текот на следниот ден.
До 22 часот во Скопје се евидентирани 117 оштетени возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрвја, седум оштетени семафори и пет пожари.
По невремето, 33 луѓе побарале лекарска помош, соопшти Министерството за здравство.
фото Вангел Тануровски
