Илјадници евра за проценителите, а само по десетина за оштетените од земјотресот во Битола
Општина Битола им исплаќала од 1.600 до 2.400 евра на проценителите, а на граѓаните само во просек по десетина евра за штетите од земјотресот во 2022.
На 9 јануари 2022 година, Битола беше погодена од земјотрес со магнитуда од 5,6 степени по Рихтер. Општината веднаш формираше Комисија за проценка на штетите, по што беа поднесени околу 2.400 пријави за оштетувања. Владата во 2024 донесе одлука да се исплатат само 5 отсто или триесетина илјади евра од проценетата штета за сите битолчани од околу 600 илјади евра. Општината деновиве соопшти дека парите веќе им се исплаќаат на граѓаните.
На седум лица чии имиња се спомнуваат во Комисијата за проценки од штети оштета од земјотресот во 2022 во Битола, според податоците на порталот „Отворени финансии“, Општината им исплатила вкупно околу 14.000 евра или од 1.600 до 2.400 евра за секој член. Проценката на штетите ја вршеше комисија составена од 20 члена, а според одлука на Советот, на членовите им се исплаќаше надомест од 360 денари по предмет.
Членовите на Комисијата, петмина експерти и 15 лица вработени во Општината се објавени во Службениот гласник на Општина Битола. Но, само за седуммина од нив, двајца експерти и петмина општински административци на „Отворени финансии“ има податоци дека им биле исплатени пари на 13. 10.2023 година. Едниот од експертите, по професија градежен инженер, зел 151.039 денари (околу 2.500 евра), а другиот дипломиран правник 135.000 денари (околу 2.200 евра). Лицата од администрација истиот ден зеле од 1.650 евра до 1.980 евра. Вкупно кон проценителите биле исплатени 843.210 денари, (околу 14.000 евра).
На граѓаните, по четири години од земјотресот, им се исплаќаат само пет проценти од штетите, што во просек дојде по околу 750 денари (околу 12 евра) по лице. Битолчани ја исмеваат исплатата на штетите од земјотресот пред 4 години . Ги преплавија социјалните мрежи со шеги за парите што ги добиваат. Тие објавуваат извадоци од банкарските приливи, а најниската сума што една битолчанка јавно ја сподели изнесува 54 денари. Потоа следуваат суми од 80, стотина, па 300 денари. Граѓаните се револтирани, но не изостануваат ниту сатиричните коментари
-Општина Битола започна со исплата на финансиските средства за штети од земјотресот од 9 јануари 2022 година, согласно Одлуката на Владата на Македонија од седницата одржана на 1 октомври 2024 година, во висина од 5 проценти од вкупно проценетата штета од 35 милиони денари, соопштија претходно од Општина Битола.
