Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИЛЈАДНИЦИ ДЕЦА НА МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ СЕ РАЃААТ ВО СТРАНСТВО: Која земја е прва на листата?

ИЛЈАДНИЦИ ДЕЦА НА МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ СЕ РАЃААТ ВО СТРАНСТВО: Која земја е прва на листата?

Македонија е во демографска криза, но секоја година илјадници деца на македонски државјани се раѓаат во странство. Ако ги споредиме бројките за неколку години наназад, ќе видиме дека има благ пораст. Во 2024 година вкупната бројка изнесувала 5.923 деца. Германија е „лидер“ во однос на другите земји, но и во Швајцарија се раѓаат голем број деца на македонски државјани.

Во Швајцарија се родени 1.377 деца на наши граѓани, а во истата година се родени 2.192 деца во Германија. Во Италија во 2024 година, се родени 736 деца на родители кои се од Македонија. Според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС), во Австрија се родиле 440 деца со македонско потекло. Во Белгија се родиле 91 дете, во Данска 44, во Франција 49, во Холандија 34, во Обединетото Кралство 39, во Шведска 74, во Австралија 28, во Канада само 5, во САД 94, во Косово 53, а во другите европски и неевропски земји се родиле 667 деца.

„Германија секако е број еден како што покажува статистиката, но според моето мислење и во Словенија заминаа многу луѓе од Берово“, објаснува беровчанка.

Луѓето кои имаат иселени роднини, пријатели велат дека на неколку години се менуваат трендовите, односно едни земји стануваат попривлечни за преселба во однос на други.

„Порано повеќето одеа во Италија, а сега поатрактивни им се Германија и Швајцарија. Се менуваат работите и гледаат каде повеќе им одговара системот“, рече жителка на Македонска Каменица.

Податокот за 2023 година е 5.824 деца родени надвор од границите на Македонија. Од нив, во Швајцарија се родени 1.411 деца со македонско потекло, а во Германија се родени 1.978 деца. Во Италија се родени 801 дете, во Австрија се 427, во Белгија 96, во Данска 44, во Франција 63, во Холандија 30, во Обединето Кралство 45, во Шведска 77, во Австралија 32, во Канада 6, во САД се 67, а во други европски и неевропски земји 640 деца, додека во Косово се родиле 98 деца.

Во 2022 година во странство се родени 5.825 деца на наши граѓани. Во 2021 година, во други земји се родени 5.503 деца со македонско потекло. Во 2020 година, според ДЗС бројката изнесувала 3.080. Во 2019 година во странство се родени 5.187 деца на македонски државјани. Од друга страна, за период од пет години дури 30 училишта во државата се затвориле. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести