Илјадници деца тргнаа на бадникова поворка
Во моментов во 40 градови и населени места во Македонија илјадници деца земаат учество во Бадниковите поворки кои што оваа година бележат десет години од возобновувањето на оваа древна православна традиција под мотото „Бадник за сите! – Радост за сите!“.
За Бадниковите поворки во Скопје, денот ќе започне во раните утрински часови со поставување на најголемото бадниково колаче во дворот на Соборниот храм, како подвиг на двајца пекари Горан Петковски и Зорица Трајковска, кои ја прифатија поканата на Здружението Бадникови поворки, да дадат свој придонес кон празнувањето и да го овековечат рецептот за подготовка на традиционално бадниково колаче какво што се правело отсекогаш.
Колачето кое го симболизира бебето Исус, е високо 3 метри, а тешко над 100 кг. Поднесена е апликација до Гинис од каде се очекуваат инструкции за следната година Македонија да има Бадник за Гинис во сите сегменти од традиционалното православно празнување.
Инаку, за сите посетители кои ќе дојдат да го видат најголемото бадниково колаче, тимот пекари има подготвено околу 5.000 бадникови колачиња кои ќе бидат поделени меѓу народот.
Централната манифестација во Скопје стартуваше во 10.30 часот пред црквата „Св. Димитриј” каде што семејствата со деца, најпрво дојдоа да подигнат бесплатни ѕвездички за децата, а потоа и да учествуваат во формирањето на најголемата Бадникова поворка предводена од Елена Ристеска, Влатко Лозаноски, Димитар Андоновски, Стефан (Некст тајм), Давид Темелков и Златните славејчиња.
Во 11.15 часот, поворката предводена од македонските музички ѕвезди, ќе се упати кон Соборниот храм каде што ќе се случи и најавеното обединување на Старите скопски бадникари со Бадниковите поворки.
