„ИЛЈАДА ТОКСИЧНИ НАСЛОВИ ПРОТИВ МЕНЕ“: Филипче вели зад нив стои ВМРО-ДПМНЕ
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција објави дел од како што ги нарече „илјада токсични наслови“, што според него претставуваат организирана кампања за политички и личен линч, со цел да се дефокусира јавноста од корупциските скандали на актуелната власт.
Филипче истакна дека нападите врз него и партијата се засилиле паралелно со обелоденувањето на повеќе скандали, меѓу кои „мигранти за пари“, спорни тендери и злоупотреби во институциите.
-Погледнете, вака изгледа секојдневието на СДСМ и мое лично. Вака се будиме, вака заспиваме, вака функционираме. Со ова се бориме секојдневно – невистини, лаги, навреди, хајки, линч. Во ова се вложени милиони евра. Ова е нивното разоткривање – рече Филипче, пред да ја претстави галеријата со медиумски објави.
Тој повтори дека, според СДСМ, зад медиумските напади стои „медиумскиот октопод на ВМРО“, и дека со токсична пропаганда се обидува да се прекрие реалната состојба со јавните финансии.
Како особено проблематични ги посочи реакциите – или, како што наведе, „недостигот од реакции“ – од новинарските здруженија, вклучително и на навредите упатени кон него од страна на новинари и медиуми.
-Оваа количина омраза не може да постои кај независен новинар. Ова може да го каже само лице длабоко поврзано со ВМРО. А додека ние се бориме со лажни вести, во позадина се одвива кражба – изјави Филипче.
Лидерот на СДСМ рече дека организираните напади се потврда дека партијата се наоѓа „на вистинскиот пат“, најавувајќи дека ќе се обрати до Европската Унија и меѓународните организации за заштита на слободата на говор.
Во однос на делувањето на СДСМ во Собранието, Филипче повтори дека неговата партија останува конструктивна опозиција.
-Ова нема да нè запре. Сега сме посилни, затоа што ова е јасен показател дека сме на вистинскиот пат – на патот на вистината и правдата. А правдата ќе победи – заврши Филипче.
