Илир Хасани: На лето Скопје се празни, а Тетово се полни, затоа таму има толкави бројки
Илир Хасани, заменик министерот за здравство, претпладне во своето гостување на ТВ Сител рече дека големиот број на заболени од Ковид-19 не се должи само на свадбите како еден фактор, туку големиот број на контакти што ги остваруваат печалбарите кога ќе се вратат кај роднините.
Поранешниот директор на ТОАРИЛУЦ вели дека во летниот период овој град ја зголемува бројката на жители повеќекратно, додека за споредба Скопје како главен град видливо го намалува бројот на граѓани.
- Скопје и оваа година беше празно, но во тетово, исто како и мојот роден град Куманово, не можеше да влезеш во градот. Не можев да стигнам до дома. Значи, не се дуплираше, туку се четириплицираше бројот на луѓе, особено земајќи во обзир дека минатата година наши луѓе кои што живеат во странство не можеа да ги посетат семејствата.
Правеа церемонии и свадби, градот имаше многу луѓе во еден временски пресек, без разлика дали тие одеа на свадби или не. Не се само свадбите и забавите, затоа што ако се почитуваат протоколите, сигурно ќе беше многу подобро. Проблемот не е само до собиранките, туку луѓето доаѓаат да ги видат луѓето долго што не ги виделе и беа зголемени контактите, рече Хасани во емисијата „Магазин“.
Тој информираше дека хируршките интервенции на оние случаи кои не се итни се одложуваат поради преполните одделенија во тетово и Гостивар.
