Илир Демири: „Безбеден град“ ќе поминеше дури и без мојот глас
Поранешниот пратеник од коалицијата на ДУИ, а сега независен во Собранието, Илир Демири, реагираше по гласањето на измените на Законот за прекршоци, со кои започнува имплементацијата на проектот „Безбеден град“ и обвинувањата што циркулираа во негова насока. Демири пишува дека влегол во Собранието за да биде мост помеѓу граѓанинот и институциите.
Демири пишува и дека проектот „Безбеден град“ ќе поминел без оглед на неговиот глас. Измените беа изгласани со 81 глас за, односно со двотретинско мнозинство, а имаше коментари дека гласот на Демири бил клучен.
„Чувствувам морална обврска јавно да разјаснам дека: Јас, Илир Демири, не сум влегол во политика против граѓаните, ниту да станам нивна пречка. Тука сум да бидам мост меѓу граѓаните и институциите. Во согласност со ова, во врска со гласањето за функционализација на проектот „Безбеден град“, пред сè, на јавноста треба да ѝ биде јасно дека оваа точка на дневен ред ќе помине без оглед на мојот глас, бидејќи законот исто така ќе биде одобрен со квалификувано мнозинство.
И покрај ова, мојот став во корист на „Безбеден град“ произлегува од моето убедување дека овој проект не е на штета на граѓаните, туку напротив придонесува за зголемување на јавниот ред и безбедност. Немаше никаков притисок врз мене за овој мој став, бидејќи никогаш не би дозволил такво нешто и за ништо.“
„Како што веќе наведов, продолжувам да дејствувам како независен пратеник. Никој не може да ми се заканува, убедува или намамува да дејствувам против интересите на граѓаните. Не паѓам како жртва на политички инженеринг и обиди за клевета, бидејќи сум убеден дека вистината секогаш излегува на виделина. Тврдењето дека мојот глас бил против Албанците е неточно, неосновано и многу наивно. Официјалната статистика, според податоците од пописот на населението во 2021 година, јасно покажува дека овој проект не е насочен кон ниту една заедница, туку се спроведува во најголемите градови, за сите граѓани. Јас ќе бидам оној кој ќе бара овој проект да продолжи да се инсталира и да функционира и во други градови“, пишува Демири, меѓу другото.
